Од четвртокот Илон Маск е најбогатата личност на планетата, со богатство чија нето-вредност се проценува на околу 188,5 милијарди долари.
Маск неодамна на „Твитер“ напиша дека е отворен за сугестии што да прави со неговото богатство, особено за начини за донирање пари, а американските медиуми веќе смислија неколку начини како најбогатиот човек би можел да ги троши парите за подобрување на човештвото и планетата. Според страницата „Фјучуризм“, ни една од овие идеи не е премногу необична за мултимилијардер кој има лансирано спортски автомобил во вселената.
1. Да му стави крај на гладот во САД
За жал, германската влада го пресмета чинењето на ставањето крај на гладот во светот и со вредност од 330 милијарди тоа сè уште е надвор од досегот на Маск. Но, ставањето крај на гладот во САД би било значително поевтино, околу 25 милијарди долари директни исплати и инвестиции во мрежи за социјална безбедност.
Со оглед на тоа дека личното богатство на Маск се зголеми за повеќе од 160 милијарди долари само за време на пандемијата, тоа е само капка од неговото море.
2. Да пресели милион луѓе на Марс
Според пресметката на Маск од 2019 година, билет во еден правец до новиот живот на Марс ќе ги чини патниците помеѓу 100.000 и 500.000 долари. Претпоставувајќи дека тој трошок е единствениот фактор и дека сите логистички и медицински предизвици се надминати, Маск лично може да спонзорира некаде помеѓу 377.000 и 1.885.000 патници да појдат до Црвената Планета.
3. Да ја плати школарината за сите студенти на американските јавни колеџи
Според последните податоци од американското министерство за образование, јавните универзитети и другите високообразовни институции во САД во текот на школската 2017-2018 година собрале 81,3 милијарда долари за школарина и други трошоци.
Додека тој број веројатно се зголемил оттогаш, пресметките посочуваат дека Маск би можел да покрие околу две години образование за секој американски студент веќе запишан на јавен универзитет. Или можеби само една. Како и да е, тоа би бил убав гест.
4. Да отстрани околу 5 милиони автомобили на гориво од патиштата
Има ли подобар начин за реализирање на крајната цел за чист транспорт од директно отстранување на автомобилите што работат на гориво од улиците? Маск сега може да си дозволи да купи повеќе од 4,96 милиони автомобили „тесла“, модел 3, и да им ги даде на оние што не можат да си дозволат да купат таков автомобил. Секако, тоа е под претпоставка дека Маск нема да добие попуст затоа што е извршен директор на компанијата.
Извор и насловна фотографија:
Futurism