X
 11.01.2021 Живот

Париз го одобри планот за трансформирање на Елисејските полиња во градина

Градоначалничката на Париз, Ан Хидалго, даде зелено светло за планот вреден 250 милиони евра за трансформирање на најпознатата авенија во француската престолнина

Градоначалничката на Париз истакна дека трансформацијата на авенијата Елисејски полиња, вредна 250 милиони евра, ќе биде спроведена, иако амбициозниот план нема да биде готов пред францускиот главен град да биде домаќин на Летните олимписки игри во 2024 година.

Ан Хидалго рече дека според планот, кој беше презентиран во 2019 година, авенијата долга 1,9 километар во центарот на Париз ќе биде претворена во градина.

Комисијата за Елисејските полиња се залага за редизајнирање на авенијата и околината уште од 2018 година.

- Легендарната авенија го изгуби сјајот во текот на изминатите 30 години. Таа  беше запуштена и беше погодена од неколку последователни кризи: жолтите елеци, штрајкови итн. - стои во соопштението на комисијата во кое се поздравува најавата на градоначалничката.

Претседателот на оваа комисија, Жан-Ноел Рајнхардт, во 2019 година истакна дека иако авенијата Елисејските полиња, попозната како Шанзелизе, често се нарекува најубава авенија во светот, но оние што секојдневно работат таму воопшто не се сигурни во тоа.

- Елисејските полиња има повеќе и повеќе посетители и големи бизнис-имиња се борат да се најдат на неа, но за францускиот народ таа изгледа излитена - рече тој.

Комисијата одржа јавна консултација за тоа што треба да се направи со авенијата. Планот вклучува преполовување на просторот за возила, претворање на патиштата во зелени и пешачки зони и создавање тунели од дрвја за подобрување на квалитетот на воздухот.


Пред кризата предизвикана од пандемијата да го прекине меѓународниот туризам, архитектот Филип Чамбарета, чија компанија ги нацрта плановите за трансформација, истакна дека од проценетите 100.000 пешаци кои секој ден поминуваат низ авенијата, 72% се туристи, а 22% работат таму. Патот со осум ленти се користи од страна на просечно 3.000 возила на час, од кои повеќето само поминуваат и е позагаден од заобиколниот пат околу француската престолнина.

Архитектот истакна дека авенијата станала место во кое се собрани проблемите со кои се соочуваат градовите низ светот - загадување, местото на автомобилот, туризам и консумеризам - и треба да се реконструира за да биде еколошка, пожелна и инклузивна.

Се планира Елисејските полиња да биде трансформирана до 2030 година.

Извор: Guardian
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот