Нема место за паника, досега во државава нема потврден случај на сојот на коронавирусот кракен, изјави за МИА Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
– Сѐ уште нема регистрирано кај нас бидејќи последното секвенционирање на позитивните примероци на ковид е направено на 5 декември и во таа рунда на секвенционирање не е откриен овој сој кракен. Засега нема точна информација кога би било следното, приближно на месец дена се прават тестирањата. Веројатно следните денови би имало нова рунда на секвенционирање - појасни Петличковски.
Но, од податоците што ги имаат од САД и од Европа, како што нагласи, не се очекува некаков драматичен пресврт ни со оваа нова варијанта.
– Таа е малку повеќе заразна од претходните, како што се однесуваат сите нови варијанти што се појавуваа во изминатите месеци, стануваат малку позаразни и предизвикуваат малку поблага клиничка слика на болеста. Така што не очекуваме некој драматичен пресврт ниту со таа варијанта - истакна Петличковски.
Тој информира дека Комисијата за заразни болести следната недела ќе има состанок и в среда ќе се разгледува состојбата.
– Но, на терен, извештаите од болниците укажуваат на навистина стабилна состојба. Вкупно 30 хоспитализирани лица минатата недела, ниедно од нив на инвазивна вентилација, вкупно два смртни случаи, сѐ е како во последните три-четири месеци. Многу стабилно. Апсолутно нема простор за паника - додаде Петличковски.
Доминантниот сој на коронавирусот, омикрон, доби подваријанта ХББ.1.5, позната како „кракен“, што брзо се шири низ САД, како и низ дел од европските држави.
Извор: МИА