X
 11.03.2021 Здравје

Што доколку не ја примите навреме втората доза од вакцината против коронавирусот?

Повеќе земји низ светот почнаа да ги вакцинираат граѓаните против коронавирусот. Поголемиот дел од вакцините што се користат во моментов се примаат во две дози. Такви се вакцините на „Фајзер“, „Модерна“, „Астра зенека“ и руската „Спутник V“, меѓу другите. Вакцината на „Џонсон и Џонсон“ е единствената што се прима во една доза, но таа сè уште не е одобрена за употреба во Европската Унија (ЕУ).

Кај вакцините што се примаат во две дози, колку е важна втората доза?

Некои луѓе се загрижени дека ќе го пропуштат вториот термин по примањето на првата доза поради разни можни проблеми. Од друга страна, фармацевтските компании се загрижени дека некои луѓе намерно нема да ја примат втората доза доколку имале некакви несакани ефекти по првата. Симптомите што може да се очекуваат по примањето на првата доза се температура или болка во телото, меѓу другото.


Фото: Freepik

Според американскиот Центар за контрола и спречување болести, втората доза од вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ може да биде одложена и да се прими за најмногу шест недели по првата доза без тоа да влијае врз ефикасноста на вакцината. Кај овие вакцини, втората доза ги зајакнува антителата и треба да се прими додека имунолошкиот систем ја помни првата доза за да се зголемат имунитетот и времетраењето на заштитата.

Одложувањето од неколку недели нема да влијае многу, но не се препорачува самостојно прескокнување на втората доза. Една доза нуди ограничена заштита и нема да предизвика толку силна имунолошка реакција како две дози. Некои истражувања покажале дека една доза од вакцината на „Фајзер“ има до 85% ефикасност против симптоматични случаи на коронавирусот четири недели по примањето, но не се знае колку трае оваа заштита.

Се советува да се следат упатствата на медицинските лица, кои ги имаат деталните информации за секоја вакцина.

Автор: Џејк Росен
Извор: mentalfloss.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје