X
 11.04.2021 Уметност

Уметничка инсталација од 10.000 писма од целиот свет за да се зголеми надежта

Надеж е збор со кој сите подобро се запознавме во текот на последната година. Светот се соочува со пандемија, а јапонската уметница Чихару Шиота се обидува преку уметноста да ги инспирира сите да веруваат.

За нејзина неодамнешна изложба во Берлин, таа создала инсталација наречена „Се надевам“ (англ. I hope) со 10.000 писма во кои се изразува надеж за иднината што ѝ биле испратени од луѓе низ целиот свет. Писмата висат и се меѓусебно поврзани со илјадници конци.


- За време на пандемијата на Ковид-19, тешко е да се размислува за надежта, но имагинацијата за иднината е многу важна за луѓето - изјавила Шиота за „Мај модерн мет“.


- Доколку немате инспирација, нема иднина. Им дадов црвена хартија на луѓето за да може да ги запишат нивните желби за иднината и за потоа да ја пополнам оваа галерија со оваа надеж - додала таа, објаснувајќи дека иако никој од луѓето не е таму, се чувствува присуството на сите.

Инсталацијата се наоѓа во поранешна црква, која сега претставува локација за изложба на галеријата „Кениг“. Изложбата не била отворена за јавноста, но музичари, танчари и други уметници што ги познава Шиота биле поканети да направат изведба на празното место, а нивните презентации биле пренесувани онлајн.

Изведбите може да се погледнат на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ до 18 април.

Автор: Арнесија Јанг
Извор: mymodernmet.com

Фото: „Фејсбук“

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност