X
 11.07.2025 Наша тема

Стоја Ѓеоргиева трета година по ред е најдобра на државниот натпревар во возење трактор: „Би сакала некогаш да станам првак и надвор од Македонија“

Времето за подготовка беше помалку од еден месец во училиштето, но бидејќи моето семејство долги години се занимава со земјоделство, рутината во возење трактор ја знам и ја применувам од поодамна, ни сподели Стоја

Стоја Ѓеоргиева покажа најдобри резултати на 53. Државен тракторски натпревар на кој учествуваа учениците од земјоделско-ветеринарната струка, чиј домаќин беше СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица. Стоја Ѓеоргиева е ученичка од четврта година во „Димитар Влахов“ и покажа дека навистина е вешта во возење трактор. Таа ни сподели дека успеала да се покаже во најдобро светло со голем труд, голема желба и голема мотивација. Секако, и самодовербата ја довела до признанието најдобра во управување трактор.


- Времето на подготовка беше помалку од еден месец во училиштето, но бидејќи моето семејство долги години се занимава со земјоделство, рутината во возење трактор ја знам и ја применувам од поодамна. Подготовките за самиот натпревар ги вршев со мојот ментор, на одредениот полигон за возење. Дисциплината вешто возење се изведува на однапред утврден и нацртан полигон. На самиот полигон има поставено значки кои го одбележуваат полигонот. При натпреварувањето треба да се внимава да не се допре некоја значка или, пак, да не падне некоја значка, затоа што тоа доведува до одземање од времето на возење. Во возењето требаше да се покаже и вештина за паркирање на тракторот во гаража. Клучниот момент за утврдување победник во оваа дисциплина е времето на возење, односно најдоброто време на возење освојува прво место, кое го освоив во женска конкуренција - ни споделува Стоја.





Три златни медали

За најсилна страна ја смета љубовта кон возењето, без разлика дали е тоа мотор, автомобил или трактор. И баш поради тоа, ниту една препрека не ѝ задава мака и сè прави со голема желба и леснотија. И со оглед на тоа што веќе две години по ред беше најдобра во оваа категорија, вели дека очекувала повторно да го освои златниот медал.

- Затоа што последните две години бев најдобра, и оваа година си реков сама на себе: „Стоја, мора и последната, третата, година да биде твоја“. Како последна година од моето средношколско образование, имав желба да ја одбранам и докажам титулата најдобар женски шофер во вешто возење. Успеав по трет пат да се закитам со златен медал и достоинствено да ја одбранам титулата. Не е мала работа да бидеш вешт во возење трактор бидејќи треба за што пократок период да ја поминеш целата предвидената патека и да го паркираш тракторот со голема внимателност, а и умешност, за да бидеш најдобар меѓу најдобрите. Ќе кажам дека мене ми е важно што постигнав голем успех, успех со кој мојата фамилија многу се гордее, како и моите професори, кои веруваа во мене. Секако дека имам предизвик и за понатаму. Ако некогаш се укаже шанса за ваков натпревар или натпревар од ваков тип надвор од границите на нашата држава, би сакала да учествувам, а со тоа можеби ќе станам и првак надвор од Македонија - вели Стоја.



Натпреварот е на ниво на сите средни стручни училишта од земјоделската струка

Натпреварот е на ниво на сите средни стручни училишта од земјоделската струка од целата држава. Овој натпревар е акредитиран од страна на Министерството за образование, а акредитацијата се обновува на секои четири години, при што се изготвува правилник по кој ќе се одржува натпреварот во следните четири години. Овој правилник се изготвува во рамките на Здружението на средни земјоделски училишта „ТЕРА-ФИТОН АНИМАЛ“ и Здружението ги вклучува сите 10 средни училишта од земјоделската струка на ниво на Македонија. Основач на натпреварот е Здружението, а домаќинот и организатор на натпреварот секоја година е различен. Домаќинот е редоследно утврден по пат на ждрепка за следните 10 години.

- Оваа година ние, училиштето СОУУД „Димитар Влахов“ во Струмица, ја имавме улогата на домаќин на натпреварот, а со тоа и организатор на целиот натпревар. Можеме да кажеме дека сме особено горди на тимот од училиштето, што се покажавме како добри домаќини и организатори на целиот натпревар, кој бара доста голем ангажман - ни сподели професорката Мими Дончева од СОУУД „Димитар Влахов“ во Струмица.

Учество на натпреварот земаат исклучиво ученици од средните стручни училишта запишани во земјоделската струка од сите 10 средни земјоделски училишта на Македонија, и тоа од: Струмица, Валандово, Скопје, Свети Николе, Кавадарци, Прилеп, Битола, Ресен, Тетово, Куманово.

- Натпреварот се одвива во пет дисциплини: вешто возење и орање во женска и машка конкуренција, заштита на растенијата, размножување на растенијата, органско производство и техники по ветеринарна медицина. Во секоја дисциплина учество зема по еден ученик од секое училиште. Бидејќи дисциплината вешто возење и орање се одвива и во машка и во женска конкуренција, учество земаат по два ученика од секое училиште. Значи, од секое училиште имаат право да се пријават 6 ученици распределени во секоја дисциплина. Тоа значи дека максималниот број на натпреварувачи на натпреварот може да биде 60 ученици - објаснува Дончева.



СОУУД „Димитар Влахов“ од Струмица е севкупен победник


Целта на натпреварот е учениците да ги покажат стекнатите вештини во текот на нивното образование и сето тоа да го покажат на терен, односно постапката на извршување на секоја зададена задача во секоја дисциплина.

- На пример, во дисциплината заштита на растенијата ученикот започнува со постапката на зададената задача со тоа што тој треба прво да се заштити самиот себе од употреба на хемиски препарати, а тоа значи дека прво треба да го облече својот костум за работа, чизми и капа на глава, да стави очила за заштита од прскање, да стави маска за заштита од вдишување на препаратот, да стави ракавици, и потоа да започне со приготвување и соодветно дозирање на препаратот. Откако ќе заврши со прскање, ученикот треба правилно да го отстрани, односно соблече својот костум за работа, со тоа што ракавиците треба последно и правилно да бидат извадени, на тој начин ученикот до самиот крај на извршување на задачата ги покажува вештината и правилноста при употребата на хемиските препарати за заштита на растенијата. Сите тие работи што се важни за зададената задача во секоја дисциплина ги оценува комисија, која е составена од надворешни лица - детално ни објаснува Дончева.





Комисијата ја сочинуваат, пред сè, професори од високите образовни институции, и тоа од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Во комисијата има и претставници од бизнис-секторот, кои се соодветни во одредена дисциплина.

- Јавно, како домаќини на овогодишниот натпревар, им се заблагодаруваме на сите претставници во комисиите кои ни укажаа чест да бидат дел од оваа организација.

Конкуренцијата можеме да кажеме дека е менлива. Како што со годините бројот на ученици се намалува, така и конкуренцијата, за жал, опаѓа, но и покрај таа непосакувана ситуација, самата конкуренција меѓу натпреварувачите е голема. Конкуренција има во сите пет дисциплини, не се случило досега да нема ниту еден натпреварувач во некоја дисциплина. Сите натпреварувачи се добри, се подготвуваат пред натпреварот заедно со своите ментори, се спремаат речиси два месеци, но, сепак, на крај се избира еден подобар од добрите – вели Дончева.



Оваа година најдобри резултати покажаа учениците од СОУУД „Димитар Влахов“ во Струмица.

- Оваа година подобри беа токму учениците од нашето училиште, ги освоија сите први места, а со тоа и нашето училиште СОУУД „Димитар Влахов“ во Струмица го освои првото место, односно го подигна златниот пехар, како севкупен победник на натпреварот. Можеме да се пофалиме дека веќе неколку години наназад нашите ученици од земјоделската струка покажуваат доста солидни резултати на натпреварот, а тоа покажува дека соработката на наставниците е прекрасна, вродува со плод и дека врз основа на таа соработка резултатите се видливи и очекувани. Минатата година се вративме од Ресен со подигнат златен пехар на ниво на сите училишта од државата. Нема да застанеме, оваа тенденција на први места ќе се стремиме и понатаму да продолжи, и понатаму нашето училиште да биде едно од најдобрите со постигнување високи резултати, како во областа на земјоделството така и во другите области што ги нуди нашето училиште – истакнува професорката.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема