X
 11.08.2021 Живот

Како настанале некои од најпознатите песни на Балашевиќ: „Неки нови клинци“ ми помогна да пребродам криза во животот

Ѓорѓе Балашевиќ беше човек кој не само што го сакавме, туку и го обожававме. Неговата музика е она што засекогаш ќе нѐ враќа да се восхитуваме на ликот и делото на легендарниот кантавтор. Во 1979 година во интервју за магазинот „Здраво“ Балашевиќ го објасни значењето на неговите песни и како тие настанале.

„Југопапир“ нѐ потсетува на интервјуто со Ѓорѓе Балашевиќ и го пренесува 42 години подоцна. Приказните на Балашевиќ за животот и песните се баш како што ги помниме - прекрасни.

Април, 1979 година: Постои прекрасен обичај во Нови Сад, а веројатно и во некои други градови, матурантите да се сликаат со наставникот и директорот на училиштето, па по завршената матура, овие слики се ставаат на големо табло на излог на некоја продавница. Во кој излог ќе се најдете зависи од угледот на училиштето. Обично средношколците имаа место на корзо, во слаткарницата „Цариград“...

Од „технички“ причини, никогаш не стигнав да бидам на табло, па тоа остана неостварена желба на мојата мајка. Подоцна постигнав успех на друго поле, па ѝ носев весници во кои бев на насловната страница, златни плочи, награди. Сепак, таа не се радуваше на ниту еден мој успех толку колку што би се радувала ако „излезев“ на некое матурско табло. Одамна одлучив дека ако некогаш снимам плоча, на обвивката на плочата ќе ја исполнам желбата на мајка ми.



Во тој контекст, сѐ што се наоѓа на плочата треба да се сфати како дел од мојата матурска работа. Сето ова е кажано во тие 40 секунди колку што трае „воведот“. Тоа не е комплет на песни, туку само илустрација на насловот, нешто како усна посвета.

Страна А


Првата песна на плочата се вика „Све је добро каде се добро сврши“. Тоа е посекојдневна верзија од „Прва љубов“. Последната строфа вели: „Лана је имала мужа, ал ја сам имао Лану“. Во животот се случуваат многу работи. Таа песна беше одбиена од жирито на фестивалот во Загреб. Испратив вкупно три песни. Две беа прифатени, а оваа, за среќа, одбиена. Објаснувањето беше дека звучи малку старомодно, а „Вече шансона“ е предвидена за некоја попрогресивна музика. Бев среќен затоа што таа песна ми беше најдрага. Единствено неа ја планирав за оваа плоча.



Лана е мојата симпатија од младоста. Во реалноста не се вика Лана, но не смеев да го споменам нејзиното вистинско име, бидејќи во тој случај не би смеел да се вратам дома доцна навечер, сам, низ темните улици. Тоа е голема љубов која трае со години и која нема шанси да се реализира. Важно е што во оваа песна свири Јован Колунџија, наш познат виолинист кој не се занимава со ваква музика. Прифати да ни помогне во снимањето на плочата кога го слушна материјалот, што за мене е голем комплимент. Се надевам дека ова е почеток на нашата соработка, доколку се покаже дека таквата соработка воопшто е изводлива.

Втората песна се вика „Драго ми је због мог старог“. Посветена е на таткото на познат фудбалер. Со тој човек поминав многу денови и индиректно влегов во фудбалските редови, кога веќе не можев да играм. Страдав некое време бидејќи не можевме заедно да бидеме на терен, но и тоа помина. И денес понекогаш му завидувам во недела попладне, но тоа минува брзо. Додека се дружев со него, запознав многу фудбалери и барем успеав да си објаснам зошто нашиот фудбал тоне. Парите уништија сѐ. Ја напишав првата строфа во некој занес, требаше да биде химна на фудбалот. Во меѓувреме малку размислив и ја напишав втората строфа која е вистински одраз на она што се случува во нашиот фудбалски циркус.

Потоа доаѓа песната „Један Саша из воза“. Песната ја напишав според приказната на една девојка, а ја пее Билјана. Темата е доживувањата во текот на летото. Не знам колку се вклопува во ова време од годината, но претпоставувам дека ќе трае до летото. Во песната има „хор“ што го сочинуваме Билјана и јас и прекрасно ги испеавме деловите. Има многу ритам, се погрижив што повеќе песни да бидат во ритам, да бидат поживи и побрзи од „Снаше“. На пример, на плочата има сѐ, од валцер до рок, така што мислам дека секој ќе најде нешто за себе.



Во песната „Утицај роџака на мој животни пут“, на некој начин, го раскажав мојот живот, но во мојот случај, влијанието на роднините не постоеше затоа што ги немам. Потекнувам од семејство каде што од двете страни децата се единци веќе неколку генерации, така што немам чичковци, тетки, вујковци. Бев под влијание на некои други луѓе што не можев да ги ставам во песната, па затоа ги преквалификував во роднини, што е технички изводливо. Ако можеш да посвоиш дете, зошто да не можеш вујко и вјуна? Мислам дека вујото е важна личност, бидејќи јас сум вујко на мало девојче кое сѐ уште не знае да збоува, ниту ќе може да ја слуша многу оваа плоча, но еден ден кога ќе почне на училиште, веројатно ќе ѝ биде мило кога ќе рече: „Онoј мој вујко...“ Песната е автобиографска, иако не повторував трипати на училиште, но тоа беше неопходно поради симетријата.

И ова е важно

Последна на оваа страна е „Много ми значи то“. Ова е уште една строго автобиографска песна. Темата е мојата девојка, моето куче и мојата имагинација. Имаше и четврта строфа која зборува за мојот пријател со кого свирам блуз, но од технички причини песната беше скратена. Строфата за кучето е карактеристична за почетокот на песната, не можев да почнам поинаку. Девојката мораше да остане за да не доживеам тешка фрактура, а имагинацијата сепак е мотото на сѐ, па другарот - извиси.



Сега е време плочата да се сврти на другата страна, а во меѓувреме ќе ви раскажам како настана. Додека го подготвував материјалот, размислував кому ќе му доверам да го направи аранжманот. Тоа беше голем проблем бидејќи многу е важно тој што го прави аранжманот да ја почувствува атмосферата на моите песни. Бочек го запознав за време на снимањето на „Рачунајте на нас“, кога се уверив дека е вистински мајстор и голем професионалец. Тоа беше мојот прв близок контакт со него, не сметајќи ги оние прилики кога како дете го гледав во групата Корни и се восхитував како ги свири „Пут на исток“ и „Глас са обале боја“.

Се одлучив за него и не се разочарав. Направи извонредни аранжмани. Тој е продуцент и се разбира, ги отсвири сите гитари што се слушаат на плочата. Слоба Маркович свиреше клавијатура, бас гитара свиреше Бојан Хрељац, а тапани Владимир Фурдуј. Специјален гостин, покрај Јован Колунџија, беше и Мичо Марковиќ, кој свиреше саксофон. Пејачкиот дел од работата го завршиме јас и Билјана Крстиќ, бидејќи Верица Тодоровиќ неодамна ја напушти групата.

Страна Б


„Неки нови клници“ е носталгична песна за детството, поточно моето детство, од почеток до крај, и некои денови на денешницата. Еднаш, гледајќи ги дрвјата на улицата Јован Цвијиќ во Нови Сад, сфатив колку време помина од нивното засадување. Никогаш не обрнував внимание на дрвјата, но се сетив како одамна ги сечеа старите глогови и засадуваа нови. Сега тие се стари дрвја. Тогаш почнав да размислувам за сето она што се случуваше од 1960 година. Неодамна ја напишав оваа песна, и тоа е последното нешто што го имам направено.



Одредено време не пишував, бев во криза. Влегувањето во светот на шоу-бизнисот не помина безболно. Оваа песна ми ја врати довербата во моите способности и ми е омилена од албумот.

Друга песна на оваа страна е „Зоки, Зоруле“. Ја направив во 1972 година. Посветена е на девојката со која сум веќе седум години. Бев во дилема дали да ја ставам на плочата, бидејќи го искористив рефренот од истоимената песна на Драган Токовиќ. Но, кога му се обратив, тој покажа целосно разбирање. Мислам дека песната е потенцијален хит, има многу ритам, без оглед што имав 19 години кога ја напишав.

„Мој френд има рокенрол бенд“. Сѐ што кажав во оваа песна е вистина. Имено, отсекогаш сум сакал да направам рок бенд, но немам доволно темперамент за рок. Јас сум класичен антирокерски тип во секој поглед, без оглед на тоа што сакам да ја слушам оваа музика. Како и да е, не можев да одолеам а да не направам еден рок, особено затоа што имав извонреден тим што можеше да отсвири сѐ што си замислував, за разлика од некои претходни обиди со „Рани мраз“.



Следната песна на некој начин треба да ја наследи „Раздељак“. Се вика „Браколомац“. Велам на некој начин бидејќи нема иста форма, не е танго ниту е блиска во другите елеметни со „Раздељак“. Станува збор за „швалерска“ двосмислена песна. Мислам дека ќе се пее во фирмите, наутро во автобусите... Да речеме соседот ќе ѝ ја пее на сосетката со која се „гледа“ со години.

Песната со која се затвора албумот е „Продаје се пријатељ“. Не се однесува на некој посебно. Во еден момент се разочарав кога забележав дека се раздели моето друштво кое секој ден се собираше кај супермаркетот „Галеб“. Некои се вработија, некои заминаа, некои целосно се насочија кон девојките. Мислев дека ќе бидеме пријатели до крајот на животот, дека ќе се дружиме секој ден попладне...



Не бев во право. Се чини дека пријателството има рок на траење, некаде до дваесеттата година, а потоа некои стануваат премногу злобни за да можат да ги поминат деновите заедно. Во време кога беше напишана песната, ми беше тешко, но во меѓувреме малку го анализирав овој феномен, така што веќе не ми е толку жал. Тогаш ми беше тешко да бидам сам помеѓу 12 и 14 часот, да немам никој пред супермаркетот. Сега сум навикнат.

Тоа беше последната песна на оваа плоча, а ова сега што го слушате... не е песна.

Автор: Саша Стрижак, „Здраво“, 1979 година -
Извор: „Југопапир“
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот