X
 11.08.2023 Технологија

Истражување ја покажува негативната страна на вештачката интелигенција

Откако се појавија алатките за пишување текстови со вештачка интелигенција како „Чет-ГПТ“, се чини дека сè се врти околу вештачката интелигенција. Корисниците ги тестираат своите можности, а некои активно ги користат во нивната секојдневна работа. Истражување од Универзитетот во Цирих открило дека овие алатки се поуверливи во пишувањето кратки текстови отколку луѓето.

Истражувачите спровеле експеримент за да утврдат дали луѓето можат да направат разлика помеѓу содржината напишана од луѓе и содржината произведена од „Чет-ГПТ“. Иако користеле „Чет-ГПТ 3“ (која не е толку напредна како верзијата 4) во нивното истражување, резултатите ги изненадиле.

Учесниците во истражувањето точно препознале за каков текст станува збор во само 52 отсто од случаите, што значи дека им било тешко да препознаат текст кој е напишан од вештачка интелигенција.

Истражувачите побарале од учесниците да ја споредат веродостојноста на објави за „Твитер“ напишани од „Чет-ГПТ“ со оние напишани од луѓе. Учесниците почесто препознавале објави со точни информации напишани од алатката отколку од луѓето. Но тие мислеле и дека објавите со дезинформации напишани од вештачката интелигенција се поточни од оние на луѓето. Со тоа, се заклучило дека вештачката интелигенција е подобра во информирањето, но и во мамењето на луѓето.

- Оваа студија покажува дека ние сме подложни на дезинформации создадени од генератори на текст со вештачка интелигенција како „Чет-ГПТ 3“. Препознавањето на ризиците поврзани со дезинформациите создадени од вештачката интелигенција е клучно за зачувување на јавното здравје и одржување силен и сигурен информациски екосистем во дигиталната ера - заклучил Никола Билер-Андорно, директор на Институтот за биомедицинска етика и историја на медицината на Универзитетот во Цирих, кој учествувал во истражувањето.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија