Создавањето еднакви можности за сите е приоритет за Андреа Угриновска, која не се двоуми дали да го крене гласот онаму каде што смета дека е потребно. Како претставник на генерацијата Z, таа покажува дека возраста не е пречка ако сакаме да успееме во она во што навистина веруваме, а нејзиниот напор не остана незабележан и таа доби одговорна функција во Младината на Советот на Европа. Благодарение на технологијата, Андреа и нејзиниот тим од 30 млади активисти го засилуваат гласот на младите во политиката низ цела Европа. Нејзината идеја за обединет свет во кој сите ќе добијат шанса да ги истражат своите можности можеби изгледа како утописка замисла, но Андреа цврсто верува дека со младинската вклученост во одлуките и процесите, светот ќе биде многу подобро место за живеење. Генерацијата Z ги зема работите во свои раце и нема намера да престане сè додека не направи вистинска промена во светот.
Природата на твојата работа и твоите ангажмани налагаат секојдневно да се сретнуваш со многу различни млади луѓе, секој со посебна приказна и мисија, а сепак сите насочени кон истата идеја – да го направат светот подобро место за живеење. Според твојата процена, колку генерацијата Z е подготвена да го промени светот?
- Кога ги следам зетерите, имам наплив на адреналин – нивната идеалистичка верзија на светот е толку амбициозна што е позитивно застрашувачка. Секојдневно велам дека нетрпеливо чекам да видам што ново ќе измисли генерацијата Z и која нова перспектива на живеење ќе ни ја прикаже. Долго време зборувавме за милениумците како генерација и целата подготовка што тие ја направија за генерацијата З да може да дејствува на овој начин денеска, но мислам дека никој не очекуваше позитивна сила од овие размери која моментално ја сведочиме. Има еден дел во „The Politician“ (одлична серија за сите што сакаат да ја разберат моќта на генерацијата Z) која вели дека зетерите воопшто не се заинтересирани да си купат нови автомобили, нова облека или да поседуваат имот. Тие се спремни да го одложат своето образование за една година во која глобално сите ќе протестираат за климатските промени. Типично е припадник на генерацијата Z да ви каже дека не сака да има деца во својот живот бидејќи планетата е пренаселена, да отпочне бизнис користејќи го само својот телефон, да плати поскапо за производи и услуги со повисок етички стандард, да елиминира секаква консумација на производи од животинско потекло итн. Да се вратам на прашањето, не само што сметам дека генерацијата Z е спремна да го промени светот на подобро, туку таа веќе го прави тоа секојдневно.
Инспирирани токму од генерацијата Z, „Дојче телеком“ ја лансира иницијативата#WhatWeDoNext, со која сака да ги истакне водечките гласови на новата генерација и истовремено да ги охрабри младите луѓе дека нивното мислење е важно за општеството во кое живеат. Дали оваа иницијатива допре до тебе и како ти го оценуваш нејзиното влијание?
- Многу сум импресионирана од оваа кампања, која првпат не е целосно насочена кон промовирање на производ или услуга преку инфлуенсерите, туку обратно, Телеком им ја нуди својата платформа со цел младите активисти да бидат слушнати подалеку и пошироко. Ова е една од првите соработки што ги прифатив на „Инстаграм“ бидејќи е првата кампања која звучеше искрено кон унапредување на влијанието на младите во светот. Без да знам, би рекла дека оваа кампања ја дизајнирал некој што ѝ припаѓа на генерацијата Z, т.е. некој кој ја разбира нивната замисла. Кампањата допре до мене вистински, но и до цела Европа, која првпат виде колку многу млади позитивно го менуваат светот околу нив. Ќе ја користам оваа кампања како позитивен пример и во иднина, сигурно. Браво!
Твојата позиција ти дозволува да имаш директен и непосреден импакт на животите на огромен број млади луѓе, од сите краеви на планетата. Како го користиш твоето влијание за да направиш промена во светот? И дополнително, каква промена му треба на светот?
- Мојата позиција не само што ме изложува на безброј млади луѓе постојано, туку истовремено имам и супер експонираност кон носители на одлуки, министри за млади од цела Европа, институции, фондации и интернационални организации. Моето влијание е фокусирано кон прибирање информации за желбите, потребите и правата на младите во даден момент и дадени услови, да ги формулирам тие замисли во конкретни предлози и да ги застапувам во највисоките редови на носители на одлуки. Тоа значи дека сум постојано синхронизирана со просечниот млад човек во Европа, неговите потреби и права.
Светот мора постојано да се движи и да се подобрува. Секој регион/држава/град има различни потреби од промена, но сите мора да се променат бидејќи моментално живееме во свет во кој и во најмалото ќоше може да се најде неправда од некаков вид. Честопати кога размислувам за сите неправди, знам да се презаситам од својата работа и да паднам во агонија дека не правам доволно промени доволно брзо. Но, сам, кој и да е, може да направи многу малку, а заедно можеме тектонски да го поместиме светот од својата стара оска на осцилирање.
Еден од омилените аспекти од мојот активизам ми е моментот кога се враќам во Македонија, која има премногу аспекти што треба да се променат, кога ќе ја донесам целата иновација, свежина и идеи кои сум ги видела и научила од други делови од Европа, и кога работам со тим со визија кој знае да го види потенцијалот што го има Македонија. Еден лош феномен на активизмот во денешно време што се обидувам постојано да го избегнам е таканаречениот феномен на „eco chambers“. Накратко, ехо-коморите се затворени метафорски балони каде што активистите се обидуваат да влијаат врз јавното мислење пред публика која и онака веќе се согласува со нивните идеи. Затоа и се радувам кога сум активист во Македонија бидејќи тоа автоматски значи дека сум надвор од комфорната ехо-комора, а доказ за тоа се зголемените негативни коментари и поттикнувањата на дебати за кои сум секогаш расположена. Позитивно сум предизвикана кога сум соочена со некој што не се согласува со моите идеи и замисли зашто токму тука се случува промената.
Веруваме дека за твојата работа допрва ќе се слуша во светот и дека во иднина твоето име ќе се споменува како пример пред луѓето од твојата генерација. Како амбициозен млад човек, која е пораката што сакаш да им ја пренесеш на твоите врсници?
- Ви благодарам за довербата. Првото нешто што би го кажала е нешто што и самата постојано го учам. Тоа е да не се плашиме од спротивставено мислење. Повеќе од тоа, да не се плашиме да го промениме своето мислење доколку увидиме дека грешиме. Мислам дека овој аспект знае да биде огромен невидлив страв на секој активист, и кога еднаш ќе се соочиме со него, ќе ни се роди нова храброст да бидеме гласни на што повеќе теми кои нѐ засегаат.
Дополнително би им рекла да не се откажуваат. Активистичката работа понекогаш е малку сизифовска, туркаме невидлив камен на угорница на планина, на момент сме на врвот, а веќе следниот – на подножјето. Промената што ја бараме понекогаш е бавна и треба време да созрее во едно општество пред да ги видиме резултатите што ги посакуваме. Оставете ја вашата иницијатива да созрее убаво, а во меѓувреме полевајте ја редовно и не откажувајте се додека сѐ уште е зелена.
И за крај, грижете се за себе. Активистичката работа е тешка бидејќи е лична. Секој од нас лично се инвестира во каузата во која верува. Тоа значи дека секој прогрес и регрес си го сфаќаме лично. Мошне честа појава кај активистите е „burn out“ или прегорувањето. Бидете свој водич, не двоумете се да кажете доста кога навистина е доста, вашата работа е тука за да остане и да потрае, а само вие имате контрола врз вашиот умор. Грижете се за вашето ментално здравје со ист интензитет како за каузите што ги застапувате.
А на сите млади девојки, особено во Македонија, сакам да им порачам да бидат храбри, гласни и да целат високо, кршејќи ги сите закоравени патријархални структури кои ја задушуваат земјата. Толку многу талентирани девојки ја поместуваат Македонија тектонски – не откажувајте се за ништо!