Кирибати е островска држава што се состои од 33 острови (од кои само 20 се населени) и е позната по тиркизното море, рајските плажи и од неодамна е првата дефинитивна жртва на растењето на нивото на океаните поради глобалното затоплување. Во микронезискиот рај што буквално тоне живеат 114.000 луѓе.
Иако нејзиниот придонес кон емисиите на стакленички гасови е занемарлив, Кирибати е прва држава на удар на сето она што со себе го носи глобалното затоплување. Морето буквално го прекрива селото и од ден на ден, во зависност од годишното време и од струите, полека голта сѐ пред себе.
Научниците и еколозите одамна предупредуваат за опасностите од глобалното затоплување, а сегашното затоплување од само половина степен покажува дека е почеток на апокалипсата за луѓето за кои неодамна беше скован терминот „климатски бегалци“.
Фото: Pixsell
Во 2008 година претседателот на Кирибати, Аноте Тонг, изјави дека ја преминале точката од која нема враќање назад.
- Болно е да се планира денот кога буквално нема да имаме своја земја - изјави тој, а во 2013 година рече дека е време да се започне со планот за масовна миграција.
Колку е сериозна ситуацијата, покажува и тоа што Тонг во 2014 година го финализирал купувањето на 20 квадратни километри земја на островот Вануа Леви (Фиџи), оддалечен 2.000 километри, каде што ќе се преселат жителите кога островот ќе биде целосно под морското ниво, а дотогаш на Вануа Леви ќе одгледуваат храна.
Фото: Pixsell
- Сѐ почестата плима и жестоките бури, поплавите проследени со неверојатни суши се додаток на нашиот начин на живот со кој досега не бевме запознаени. Зголемувањето на нивото на морето ги загадува нашите извори со вода за пиење, ја прави земјата непогодна за живеење бидејќи на неа повеќе не може да расте ни кокос и ги брише нашите брегови менувајќи ги секој ден. Ни велат, ладнокрвно, дека можеби дојде време да го напуштиме нашиот остров, местото каде што се закопани нашите предци и каде што нашите деца имаат дом и идентитет - пишува во својот коментар за „Гардијан“ Аноте Тонг и напоменува дека и покрај оваа катастрофа, и понатаму никој сериозно не размислува за прифаќање и давање легитимитет на поимот „климатски бегалци“.
Во статијата тој особено се насочува кон хипокризијата на големите и моќните бидејќи некако секогаш прво страдаат посиромашните и помалите.
Фото: Pixsell
- Не само што САД се повлекоа од Парискиот договор за климатски промени, туку се шпекулира дека тоа ќе го направи и нашиот „голем брат“, еден од најголемите загадувачи на планетата, Австралија, една од ретките земји чии емисии не опаѓаат, не стагнираат, туку растат, а тоа покажува дека воопшто не им е грижа за народот и државите на Пацификот. Како и САД, и Австралија потфрли како регионален лидер и заштитник - вели тој.
Земјата која туристите ја посетуваат често поради природните убавини и начинот на живот, опишувајќи ја како „рај на земјата“, сега гради бетонски блокови што треба да го запрат надоаѓањето на морето, но ја влошуваат ерозијата на плодната почва. Плажите, по жестоките плими, им се поплавени и закопани под ѓубре.
Во буквално спасување на земјата се вклучи и Светската банка, која забрзано вложува во проекти околу кои експертите не можат да се согласат. Додека едни се за ѕид, други тврдат дека треба да се наталожи земјата и да се засади мангрова шума што ќе ја држи почвата. Но, како што вели Тонг, тоа е премалку, премногу бавно и, за жал, доцна.
Фото: Wikipedia
Некои куќи буквално преку ноќ биле опкружени со вода. Некои семејства, често недоволно едуцирани за глобалното затоплување, се преселиле повеќе од еднаш, уверени дека на крајот на островот ќе пронајдат мир - но морето секогаш ги стигнува.
Речиси секое второ семејство собира пари и штеди на храна за да има доволно средства на сметката за денот кога ќе биде присилено да се пресели.
Моменталната влада и претседателот Танети Мамау, кој бил избран во 2016 година, помалку се занимаваат со лобирање околу
глобалното затоплување, а повеќе со внатрешни проекти поврзани за 20-годишен развој на туризмот и риболовот. Прашање е за што ќе служи сето тоа и кој ќе оди да го посети островот кога целосно ќе биде потопен.
- Нема да останат ни ридови - вели поранешниот претседател Тонг.