X
 22.02.2022 Живот

15 отсто од населените места што постоеле во Македонија пред Втората светска војна денес се раселени

Селото се дефинира како населено место со еднофункционално значење во кое преовладува една дејност, а атарот е со аграрна физиономија и функција. Големиот број на војни што се одвивале на територијата на Македонија во периодот на првата половина од ХХ век и сите миграциски процеси, кои настанале поради новите општествено-економски односи, довеле до тоа да во овие села настанат значителни и брзи промени. Градовите каде што се развивала индустријата станале привлечни за селското население, па така тие се зголемувале, а голем дел од населението ги напуштало селата. Сите овие промени довеле до тоа голем број села да бидат сосема напуштени и да преминат во категоријата на раселени села. Овие раселени села можеме да ги групираме во две категории: раселени села кои биле напуштени многу рано во минатиот век (до пред Втората светска војна) и раселени села кои биле напуштени во периодот од Втората светска војна до последниот попис во 2002 година. Раселените села кои биле напуштени до пред Втората светска војна се именувани како историски села, бидејќи за нив не се води посебна евиденција веќе во поновата историја и нивните атари се припоени кон тогашните постоечки населени места. Помладата генерација на раселени села настанале во текот по Втората светска војна до 2002 поради различни фактори, но најчесто поради миграцијата село-град.

Историски раселени села

За овие раселени села најчесто добиваме податоци од турските списоци за областите, странски истражувачи, како што се Васил Иванов К‘нчов, Стефан Верковиќ, Димитар Мишев и од странските топографски карти за овие простори. При користење на топографските карти, всушност добиваме и локација каде истото раселено село се наоѓа. Доколку ги преброиме сите раселени села во Македонија кои спаѓаат во категоријата на историски села, добиваме број од 165 села.

Поделено, по региони, би изгледало вака:



Раселени села

За овие раселени села најчесто добиваме податоци од официјалните пописи на Македонија (од 1948 до 2002). Заклучно со последниот попис од 2002 година во Македонија имало 141 раселено село. Сите овие раселени места биле забележани со жители на првиот попис од 1948 година, но до 2002 останале без жители од различни миграциски фактори. Најмногу раселени села има во оние општини од каде што се иселило бројно турско население, како и од оние македонски села кои што економски се послабо развиени.

Нивниот распоред по региони е следниот:



Општините Валандово и Неготино се единствените општини во Македонија што имаат повеќе историски и раселени села, отколку што имаат места со постојани жители.



Општина Валандово (со денешните граници), некогаш имала 34 населени места, за денес 52% од тие населени места да не постојат или да немаат жители, додека пак за општина Неготино, овој процент изнесува 56%.



Вкупно историски и раселени села во Македонија има 306, а заедно со населените места, оваа бројка изнесува 1.957, што значи дека 15% од населените места што постоеле во Македонија пред Втората светска војна денес се раселени. Со објавувањето на новите резултати од последниот попис се очекува овој број да се зголеми, бидејќи во последниот попис биле регистрирани многу населени места со помалку од 10 жители.

Автор: Никола Трајковски – студент на Институт за географија-ПМФ
Стручна корекција: доц. д-р Марија Љакоска, Институт за географија-ПМФ
Техничка корекција: Бојана Алексова, демонстратор на Институт за географија-ПМФ

Извор и фотографии: igeografija.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот