Идејата која ректорот на Универзитетот во Загреб, Дамир Борас, ја споделил со „Јутарњи лист“, за многумина е изненадувачка. Имено, тој предложил враќање на кирилицата во основното училиште, која е отстранета од образованието на почетокот на 1990-те години. За кирилицата се дебатира веќе подолго време во Хрватска, особено по поставувањето на кириличните плочи во Вуковар.
„Мислам дека учењето на кирилицата треба да се врати во училиштата, како што би требало и глаголицата да се понуди како изборен предмет. Тоа се старохрватски азбуки и би било убаво повторно да се видат во наставата“, изјавил загребскиот ректор.
Давор Дукиќ, редовен професор на Одделот за кроатистика наведува две причини за враќање на кирилицата.
„На кирилица имаме низа стари текстови, а познавањето на тоа писмо помага во учењето на рускиот јазик. Другата причина е тоа што во нашите соседни земји се користат и кирилицата и латиницата, а совладувањето на основите на кирилицата во основно училиште би им дало можност за читање стручна литература на нашите ученици“, вели Дукиќ.
Жељко Јозиќ од Хрватскиот јазичен институт објаснува дека е јасно дека кирилицата и глаголицата се стари хрватски писма, но дека Хрватите отсекогаш ја користеле и латиницата.
Експертот за јазици од Одделот за лингвистика, академик Ранко Матасовиќ, смета дека во училиштата треба да се учи кирилицата поради рускиот јазик.
„Тоа е јазик кој лесно се учи и се исплати повеќекратно. Учењето на рускиот е поврзано со кирилицата, а факт е дека глаголицата и кирилицата се дел од хрватската национална историја“, вели тој.
Има и такви кои не се согласуваат со ова, како поранешниот министер за образование, Радован Фукс.
„Не знам што ректорот сака да постигне со овој предлог, но факт е дека единственото во што се согласуваме е дека материјалот ни е преоптеретен и не е соодветен на времето во кое живееме. Мислам дека за идните генерација би било покорисно воведување нешто ново, како информатика или уште еден странски јазик“,
изјавил тој.