12.02.2021
Образование
Дебата во Собранието: Се бара решение за полагање на матурата, на маса два предлога
Ние предлагаме да се полага задолжително мајчин јазик (екстерен предмет) и другите да се изборни - вториот да е математика или странски јазик, и уште два изборни предмети. На факултетите веќе постои оваа формула која ја применуваат при упис, па нема да има потреба интервенција во високото образование. Во меѓувреме, многу е важно како оваа преговарачка група ќе го пренесе предлогот до останатите матуранти, вели директорката на Дравниот испитен центар, Елизабета Наумовска
На дебата во Собранието на која учествуваа претставници на Сојузот на средношколци, на Државниот испитен центар, на Министерството за образование и наука како и пратеници се дискутираше за можни решенија поврзани со државната матура, заради која повеќе од две недели матуранити ја бојкотираа наставата.
Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот вели дека се уште ништо не е одлучено.
- Само дискутиравме за можни компромисни решенија. Утре треба да ги рзгледаме понудените опции и да одлучиме што ќе правиме. Еден од предлозите е да имаме два екстерни предмети и два интерни предмети. Вториот предлог е да се полагаат четири предмети по скратена програма. Уште не знаеме што ќе правиме. Наше барање е да полагаме само два екстерни предмети, а од другитр два предмети да се извади просек од оценките што сме ги имале во свидетелствата – вели Ходаи.
Тој кажа дека ако не постигнат решение со надлежните, ќе има протест или повторно ќе ја бојкотираат наставата.
-Од понеделникот го прекинавме бојкотот, но од податоците што ги имаме, во период од 15 дена, и од вкупно 15 илјади матуранти, 12 илјади ја бојкотираа наставата. За неоправдани изостаноци нема зошто да се плашиме бидејќи над 51 отсто од вкупниот број ученици матуранти ја бојкотираа наставата и затоа не може да се напишат неоправдани – додава Ходаи.
Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар која присуствуваше на дебатата, кажа дека била коректна и дека има добра волја да се најде заедничко решение.
-Ние предлагаме да се полага задолжително мајчин јазик (екстерен предмет) и другите да се изборни - вториот да е математика или странски јазик, и уште два изборни предмети. На факултетите веќе постои оваа формула која ја применуваат при упис, па нема да има потреба интервенција во високото образование. Во меѓувреме, многу е важно како оваа преговарачка група ќе го пренесе предлогот до останатите матуранти – вели Наумовска.
Таа појасни дека училиштата се врзани со календар на наставни денови и тој мора да биде реализиран.
-Секаде каде што ученците комплетно како паралелка ја опструирале наставата, тие денови и часови мора да ги одработат. Таму каде што имало поединечни/делумни отсуства , нема потреба да се одработува. Сепак тие пропуштени лекции треба да им ги надоместат професорите преку додатна настава. Тоа ќе биде дополнителен напор на наставниците, но мора да се излезе во пресрет на учениците – рече директорката на ДИЦ.
Подготвил: Антонија Поповска