X
 12.03.2019 Наука

Невронаучници може да ни ги предвидат одлуките 11 секунди пред да ги донесеме

Во нова студија објавена во списанието „Сајентифик рипортс“ е објаснет случај во кој истражувачи од Австралија им велеле на учесниците во истражување да замислат една или две карактеристични слики и потоа, со следење на активноста на мозокот истражувачите можеле да предвидат каква слика ќе изберат учесниците и колку живо си ја замислуваат во мозокот.

Четиринаесет учесници во студијата биле ставени во функционална магнетна резонанција и им биле покажани два цртежа, еден со црвени хоризонтални линии и еден со зелени вертикални линии. На учесниците им биле дадени до 20 секунди за да изберат еден, по што тие притискале копче за да го направат својот избор и им било кажано да го замислат колку што е можно поживо.

Преку следење на активноста на мозокот за време на процесот на селекција истражувачите можеле да ги видат знаците кои посочувале која слика ќе ја избере некој учесник во четири области од мозокот. Гледајќи ги овие знаци, истражувачите можеле да го предвидат изборот на лицето до 11 секунди пред да биде направен изборот.

Истражувањето на времето меѓу моментот кога се носи одлуката и кога се размислува за неа може да доведе до нови увиди во тоа како функционираат нашите мозоци. Можно е само милисекунди меѓу мислата и акцијата да се доволни за зауздување на несвесните пориви во корист на попромислени дејствувања.

- Веруваме дека кога сме соочени со избор меѓу две или повеќе опции на што можеме да мислиме, несвесни траги од мислите се веќе таму, нешто како несвесни халуцинации. Како што се носи одлуката на што да се мисли, извршни области од мозокот ја избираат трагата од мислата која е посилна - вели Џоел Пирсон, професор по когнитивна невронаука на Универзитетот во Јужен Велс во Австралија.

Ова не е првпат да сме во можност да предвидиме нечиј избор. Слични студии резултирале со слични резултати кои довеле до предвидувања 4 и 10 секунди пред да биде направен изборот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука