X
 21.07.2019 Образование

Факултети ги намалуваат квотите, кои се најдобрите матуранти, како против дискриминацијата на Ромите... Што истражувавме неделава?

Во неделава што измина ја отворивме темата за дискриминацијата на Ромите во земјава. Ги објавивме и имињата на најдобрите матуранти по предмети на државната матура. Со деканот на Филозофскиот факултет од Скопје, Ратко Дуев, разговаравме за предизвици на новата академска година. Jа претставивме најдобрата студентка на Факултетот за дизајн на мебел и технологии од мебел од Скопје, Емилија Колевска, a имавме ексклузивно интервју и со холивудскиот актер Доналд Ворен Мофет, кој режира во Драмскиот театар во Скопје.



Дури 15 матуранти од средните училишта во земјава имале ист - најголем број поени (99,61 перцентили) по предметот математика на државната матура. Куриозитет е што дури 13 од нив се девојки. Од вкупно 15.553 матуранти што полагаа државна матура, само 2.033 ученици (или 13 отсто) избрале да полагаат математика.
Според податоците што ги добивме од Државниот испитен центар, најмногу ученици со максимален број поени по математика доаѓаат од приватното школо „Јахја Кемал“ од Струга и од Скопје. Станува збор за: Теона Никовска (Струга), Бојана Стефаноска и Јован Петрески (Скопје).


Мухамед Ајваз

На дискриминацијата се одговара со повторна дискриминација, погрден речник или говор на омраза - имаме цела низа вакви примери во нашето опкружување. Но, како вистински да се победат стереотипите, да се развие свеста и емпатијата, очигледно огромен дел од нас треба да научат.
Мухамед Ајваз е проектен координатор во ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а инаку е дипломиран психолог и студент на постдипломски студии на програмата за политички науки и човекови права. Ни кажа неколку идеи за тоа како чекор по чекор се решава дискриминацијата и се развива свеста, а сите учиме како полесно да се прифатиме меѓу себе.



996 студенти помалку ќе можат да се запишат годинава на најголемиот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Причината за ова е реална, зашто низ годините се намалува бројот на матурантите, а и раководствата на факултетите станаа пореални во своите барања. Тие побараа слободни места за онолку студенти колку што очекуваат да имаат интерес, велат продекани за настава. На ланскиот конкурс за упис на студенти на државните високообразовни установи имало 11.661 слободно место, а годинава – 10.665.

- Бројот на студенти што можат да се запишат на државните универзитети го одредува Владата. Одлуката на Владата на РСМ за бројот на студентите за запишување во прва година на државните високообразовни установи во учебната 2019/2020 година беше донесена на 4 јули. Сметам дека бројот на универзитетите во РСМ, од една страна, е преголем, а, од друга страна, бројот на матурантите секоја година е сѐ помал, УКИМ реално запишува околу 8.000 студенти во прва година - ни изјави Весна Марковска, раководителка на одделението за настава при УКИМ.


Ратко Дуев

Летни школи, студентски размени, склучени над 100 договори со светски факултети, 110 предавања на професори од најреномираните странски универзитети, нови електронски платформи за учење, можности за учење на далечина и практична настава... Ова се само дел од новитетите со кои може да се пофали Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Деканот Ратко Дуев вели дека главна задача е на студентите да им понудат широк спектар на можности согласно нивниот интерес.
- Најсигурна инвестиција на секој млад човек е знаењето. Секако, мошне тешко е за еден матурант на таа возраст да биде сигурен во изборот на професијата, па затоа треба да ги следи своите афинитети, она што тој лично сака да го студира, без да се подведува под влијанието на околината. Љубовта кон знаењето и кон одредена наука, доколку учи посветено, секогаш на секој студент ќе му донесе успех во иднина - вели Дуев.


Д.В.Мофет

Жена ми секогаш вели дека сум многу среќен затоа што сум доволно познат за реакции од типот... „еј ти си тој типот од таа серија“, а не сум Бред Пит, кој буквално нема приватен живот, се шегува актерот Доналд Ворен Мофет, кој ја режира претставата „Несоодветно за на работа“, чија премиера е закажана за 27 јули во Центарот за култура „Григор Прличев“ во рамките на „Охридско лето“. Улогите ги толкуваат: Ирена Ристиќ, Зоран Љутков, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ и Сања Арсовска.
Непосреден, срдечен и многу благодарен што е во Македонија и што има можност да работи со наши актери - познатиот холивудски актер и режисер Д. В.Мофет неколку недели е гостин на Драмскиот театар од Скопје, каде што ја поставува театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд.
Д. В. Мофет го учи и македонскиот јазик, ја разбира кирилицата и признава дека најтешко му оди со буквите и членот во зборовите, но не се откажува. Врската со Македонија настана пред неколку години кога беше ангажиран како вид советник на снимањето на ТВ-сериите „Инсајдер“ и „На терапија“.


Емилија Колевска и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски

Емилија Колевска е прогласена за најдобар студент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер за академската 2017/2018 година. Емилија Колевска дипломирала со просек 9,6 и денес веќе работи по струката што многу ја сака.
Задовoлна е од тоа што го научила и од основата што ја добила на нејзиниот факултет и топло им го препорачува на матурантите со голема креативност, уметнички афинитети, сопствено чувство за стил и за комбинирање различни елементи во конкретен простор.



 

Ја објавивме колумната на дипломираниот физиотерапевт, специјалист по рехабилитација во ортопедија, хирургија и трауматологија, Денис Арсовски.
- Најжалното од сѐ е дека скоро секој месец добивам понуди за работа во странство, активно дискутирам со реномирани професори од универзитетите во Австрија и во Шпанија, успешно комуницирам со Академија за масажи од Панама, но решив да останам тука. Очигледно моето знаење не е доволно за да бидам дел од образовниот процес во оваа држава.
По неколку години колебање и тапкање в место без никаква светлина, пополека се одлучувам да заминам од мојата држава во која верував дека ќе имам просперитет.
Ви благодарам што го слушате гласот на студентите!


Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование