X
 03.04.2023 Наша тема

Традицијата на Филозофскиот факултет е исто толку важна како и иновацијата, вели деканот Ратко Дуев

И покрај паузата предизвикана од пандемијата, во изминатите 5 години на научните настани, проектни активности и јавни предавања, на факултетот престојувале над 500 светски професори. Само во изминатата година Филозофскиот факултет како главен организатор или коорганизатор организира 32 научни настани, меѓу кои 8 меѓународни конференции, споделува деканот Ратко Дуев

Промислување и иновирање на хуманистиката и општествените науки преку меѓународните и научноистражувачките настани на Филозофскиот факултет се дел од секоја студиска година на факултетот, па така и во тековната 2023 година. Со Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје, разговараме за активностите на Филозофскиот факултет, учеството на меѓународната сцена, издавачката дејност, иновациите во студиите...

Сите меѓународни научноистражувачки активности и настани што ги организира Филозофскиот факултет во текот на годината се отворени за севкупната јавност, нудејќи на тој начин алтернативен излез од дневнополитичките настани во државата и актуелен увид во случувањата од хуманистиката и општествените науки, подвлекува деканот.


Деканот Ратко Дуев

Колку Филозофскиот факултет следи трендови и иновации при спроведување на наставата и студиите?

- Секојдневието видено низ меѓународните и научноистражувачките активности на најстарата високообразовна институција во државата – Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, изобилува со интердисциплинарни настани низ целата академска година. Динамиката на овие настани е диктирана од новите трендови и достигнувања во хуманистичките и општествените науки. Преку истражувањата кои се спроведуваат на факултетот иновирани се електронските ресурси за следење на наставата, приспособени со мод за дислексија, синтетизатор на говор и мод на знаковен јазик. Традицијата на овој факултет е исто толку важна како и иновацијата. Фокусирајќи се на придвижување кон новините во хуманистичките и општествените науки, Филозофскиот факултет е доследен на својот едновековен научен долг. Порталот Периодика, кој го сочинуваат 12 научни и меѓународни списанија во издание на Филозофскиот факултет, континуирано се обновува и со дигитализирање на постарите изданија. Така, денес на овој портал може да ги најдете првите броеви на списанието Гласник скопског научног друштва од 1926 година, како и првите броеви на Годишниот зборник од 1948 година.



Какo изгледа меѓународно-научната сцена на Филозофскиот факултет во 2023 година?

- Академската 2023 година ја почнавме со петтата Меѓународна недела, која во оваа прва постпандемска година се организира со физичко присуство, од 20 со 23 февруари 2023. Околу петнаесет професори од универзитети од Израел, Швајцарија, Италија, Шпанија, Украина, Полска, Словачка, Грција, Бугарија и др., имаа предавање пред студентите, покренувајќи дискусии и дебати на теми од хуманистичките и општествените науки. Меѓународната недела истовремено служи и како форум за промовирање нови научноистражувачки проекти на Филозофски. Така, еден од нив беше новиот Еразмус+ проект „Филозофија со деца за поширока социјална инклузија, на кој Филозофскиот факултет е партнер на Филозофското друштво на Македонија, заедно со партнерите Националниот универзитет „Каподистриан“ од Атина и Словенечкото филозофско друштво од Љубљана. Исто така, промовиран беше и проектот „Игра и животни вештини“, кој Филозофскиот факултет го спроведува во соработка со Циришкиот универзитет за образование на наставници од Швајцарија.

Во текот на март, како дел од Еразмус проектот „Осовременување на универзитетските наставни програми за рана интервенција – АПДЕЈТ“, чиј координатор е Филозофскиот факултет, се одржа вториот транснационален состанок на проектните тимови од Филозофскиот факултет и Универзитетот Фредерик од Кипар, а онлајн учество зема и проектниот тим од Универзитетот „Ла Лагуна“ од Шпанија. Во рамките на овој проект е објавен Прирачник за процена на раниот детски развој, кој е достапен на Ризницата на УКИМ.
Меѓународните научни конференции што ги организира Филозофскиот факултет секоја година се негова препознатлива карактеристика. Тие овозможуваат споделување на сознанијата од спроведените научни истражувања и проширување на академските мрежи и соработки со регионот, Европа и светот. Во септември оваа година, традиционално, Институтот за безбедност, одбрана и мир ќе организира меѓународна конференција на тема: „Времени безбедносни бранувања или нова светска архитектура на безбедноста“, која ќе се одржи од 4 до 7 септември 2023 во Дојран.



Какви други активности се предвидени во тековната 2023 година?

- Во 2023 година два института при Филозофскиот факултет ќе одбележат значајни јубилеи со организација на меѓународни научни конференции. Институтот за специјална едукација и рехабилитација прославува 30 години од основањето на студиите по специјална едукација и рехабилитација со 6. Меѓународна научна конференција, која ќе се одржи од 14 до 16 септември 2023 во Охрид. Исто така, Институтот за социјална работа и социјална политика ќе одбележи 65 години од образованието за социјални работници во државата, со меѓународната конференција „Социјалната работа и социјална политика во време на глобални кризи“, која ќе се одржи од 19 до 22 септември 2023, во Охрид.
Од 4 до 8 октомври оваа година во Струга, Филозофскиот факултет ќе биде центар на науката во светот, како организатор на Меѓународната конференција „Прва светска конференција за религиски дијалог и соработка (First World Conference for Religious Dialogue and Cooperation). Во програмскиот одбор на конференцијата учествуваат 55 врвни светски професори и проучувачи на религиите: покрај од нашата земја, од Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Грција, Украина, Франција, Холандија, Италија, Белгија, Северна Ирска, Англија, Шпанија, Литванија, Летонија, Унгарија, Чешка, Полска, Романија, Ирска, САД, Обединетите Арапски Емирати, Оман, Ирак, Индија, Зимбабве.



Кога станува збор за издавачката дејност на Филозофскиот факултет, какви публикации им нудите на студентите?

- Издавачката дејност на Филозофскиот факултет, покрај споменатите меѓународни научни списанија, континуирано нуди нови студии, монографии и зборници од областа на хуманистичките и општествените науки. Па така, во 2023 година излегоа од печат неколку значајни дела на наши професори, како: Старогрчко-македонски речник на проф. д-р Валериј Софрониевски од Институтот за класични студии, монографијата „Амбивалентноста на демонското во Месопотамија и во Стар Египет“ на проф. д-р Марија Тодоровска од Институтот за филозофија, Археолошки лексикон, чиј уредник е професорот Антонио Јакимовски од Институтот за историја на уметности и археологија, „Демократија и олигархија“, избор текстови на професорите д-р Даниела Тошева од Институтот за класични студии и д-р Стефан Пановски од Институтот за историја, како и „Другата жена во антиката“ приредена од проф. д-р Весна Томовска, чија промоција ќе се одржи на 4.4.2023 година. Исто така, во рамките на Еразмус проектот „Обединети во инклузијата за вработување“, чиј координатор е Филозофскиот факултет, се објавија наодите од „Истражувањето за најдобрите практики за инклузија на возрасните со попреченост на пазарот на труд“, чиј уредник е проф. д-р Елена Ризова од Институтот за педагогија. Тоа е достапно на Ризницата на УКИМ.



Филозофскиот факултет е главен организатор или коорганизатор на повеќе настани. Со какви активности и настани можете да се пофалите?

- Во 2023 година, факултетот, преку наставниот кадар и студентите, учествува во мобилности и активности во рамките на седум академски мрежи во кои членува или е координатор, од програмата ЦЕЕПУС: Археопед; Заедничка историја на Централна Европа; Педагогија и андрагогија во Централна Европа; Филозофија и интердисциплинарност; Биоетика; Медиумска етика; и Централноевропска мрежа за социјална работа и социјална политика.
Сите меѓународни научноистражувачки активности и настани кои ги организира Филозофскиот факултет во текот на годината се отворени за севкупната јавност, нудејќи на тој начин алтернативен излез од дневнополитичките настани во државата и актуелен увид во случувањата од хуманистиката и општествените науки. Да напоменам дека и покрај паузата предизвикана од пандемијата, во изминатите 5 години на научните настани, проектни активности и јавни предавања, на факултетот престојувале над 500 светски професори. Само во изминатата година Филозофскиот факултет како главен организатор или коорганизатор организира 32 научни настани, меѓу кои 8 меѓународни конференции.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема