Исланд неодамна објави дека го завршува долгогодишниот лов на китови повикувајќи се на проширената зона без риболов, регулативи за социјално дистанцирање, зголемен интерес за гледање на китовите и намалување на извозот во Јапонија.
Одлуката, прославена од страна на застапниците за правата на животните, во голема мера е заснована на профит. Ова е втора година Исланд да одлучи да не лови китови. Двете исландски компании за ловење китови го прекинаа работењето. Според извршниот директор Кристјан Лофтсон, регулативите за социјално дистанцирање ќе ја оневозможат нивната вообичаена обработка на месо од кит. Покрај тоа, поради проширувањето на зоните што забрануваат риболов, ќе треба да се патува подалеку од брегот за да се најдат китови.
Во 1986 година бил прогласен мораториум за тргување со китови, но Норвешка, Јапонија и Исланд го продолжија ловењето и покрај меѓународниот договор. Според Светскиот фонд за животински свет, над 30.000 китови биле убиени од страна на трите држави од прогласувањето на мораториумот.
Фото: Pixabay
Китовите со милениуми се ловени за нивното месо, масло, коски и балеин. Унапредувањето на технологијата наскоро би можело да доведе до истребување на многу видови. Според „Нешнл џиографик“, како резултат на зголемената ефикасност на флотите за китови, се проценува дека повеќе китови биле уловени во 20 век отколку во претходните четири века заедно.
Но, изминативе години е намалена побарувачката за месо од
кит, а зголемено е гледањето на китовите, што може да е многу попрофитабилно отколку ловењето. Од 2007 до 2018 година туризмот во Исланд се зголемил од 485.000 на 2,3 милиона луѓе токму поради интересот да ги набљудуваат китовите. И Јапонија доживеа сличен тренд бидејќи бројот на луѓе што патувале за да ги гледаат китовите скокнал од 103.000 во 2008 година на 234.000 во 2016 година. Според извештајот на Институтот за економски студии на Универзитетот во Исланд, ловењето китови нема негативни ефекти врз туризмот, но сепак има намалување на побарувачката на месо, а зголемен е интересот за екотуризам и конзервација. Ова може да предизвика повлекување на ловењето на китови и во Исланд и во другите места каде што се ловат китови.
Извор:
Forbes