X
 12.07.2019 Живот

Компанија без канцеларии, а со илјада вработени

Сè повеќе компании им дозволуваат на своите вработени да работат од дома барем еден ден во неделата. Меѓутоа, се зголемува и бројот на компании чии вработени воопшто немаат канцеларии, а со колегите најчесто комуницираат преку интернет.

На пример, мултинационалната компанија „Аутоматик“, која е специјализирана за развој на софтвер, има 930 вработени и сите работат на далечина.

- Ова е важен дел од нашата култура и никој не ја ни споменува идејата за отворање канцеларии - вели Кејт Хастон, која го предводи развојниот тим на компанијата.

Компанијата во која работи таа е една од ретките, но сè повеќе компании се одлучуваат да немаат централно седиште.

Побрзиот интернет, апликациите за допишување и видеосостаноците, како и развојот на софтверот за мониторинг и заедничка работа им овозможуваат на некои компании да работат без канцеларии. Наместо тоа, тие ангажираат луѓе од разни локации и бараат од нив да работат од дома или во споделуван простор во близина на местото каде што живеат.

Вработените во оваа компанија работат во 70 различни земји, па наместо фирмата да плаќа за канцеларии за седиште, им плаќа летови на вработените за редовните состаноци во текот на годината. Исто така, компанијата на работниците им го плаќа опремувањето на нивните работни простории во домот или за изнајмување работен простор, па дури и кафето, доколку работат од кафуле. Но тоа сепак е поевтино отколку да се одржуваат канцеларии.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот