X
 12.07.2024 Живот

Интервју со Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија: „Универзитетите да образоваат инженери согласно потребите на пазарот на труд“

Инженерската институција на Македонија, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на претседателот на државата, повеќе од две децении го доделува признанието „Инженерски прстен“. Ја постигнувате ли целта за кое беше етаблирано признанието?

Воспоставувањето на признанието „Инженерски прстен“ беше иницирано од страна на Инженерската институција на Македонија пред 21 година за да се истакне важноста на инженерството за развојот на државата и да се промовираат техничките факултети кај младите. Тоа е период кога бројот на студенти на овие факултети беше во опаѓање за сметка на општествените науки. Во тие услови, признанието преку пораките што ги праќавме до јавноста се наметна како значаен мотив младите да студираат инженерство. Секако, уште од самиот почеток за тоа придонесе и покровителството на актуелниот претседател на државата. Успеавме да предложиме политики кои ќе овозможат вработување на поголем број асистенти на факултетите, да се воведат стипендии за дефицитарните кадри и да се подобри општата клима за инженерството во целина. Секако, постојат уште многу предизвици за кои треба јавно да зборуваме за да се најде нивно решение. Меѓу нив се одливот на дипломираните студенти во странство и намалување на бројот на студенти кои се запишуваат на традиционалните инженерски дисциплини, како што се енергетиката, градежништвото, за разлика од информатиката и компјутерските науки.

Вчеравечер на Плаошник со ова признание се закитија уште 15 студенти од факултети кои практикуваат инженерски науки. Колку студенти во изминативе 20 години го добиле ова признание и дали го следите нивниот понатамошен професионален развој?

Сите овие години Инженерската институција на Македонија е во континуирана комуникација со добитниците. Сите тие се членови на Клубот на носители на инженерски прстен, кој сега брои 229 најдобро дипломирани студенти, кои денес се успешни универзитетски професори, научници, професионалци и менаџери во компании, во земјата и во странство. Токму минатата година, обележувајќи го јубилејот 20 години од првото доделување на признанието, организиравме настани на кои тие зборуваа за улогата на признанието во креирање на нивната кариера, што е потребно да се направи за подобрување на климата за инженерството во Македонија и како се справуваат со предизвиците на професионално етаблирање оние што заминале во странство.
Многу научивме од нив, тие се дел од органите на Инженерската институција на Македонија и продолжуваат да бидат наши соработници во креирањето нови иницијативи. И не само тоа, со оглед дека Инженерската институција е рамноправна членка на Европската федерација на национални инженерски асоцијации, секогаш имаме можност да придонесуваме во создавање нови европски политики.



Што може и треба да направат општествените чинители (државата, компаниите, науката....) за да обезбедат услови за правилен и професионален развој на младите, поконкретно на младите инженери?


Зголемениот број нови индустриски капацитети кои се отвораат во Македонија, како и вложувањата во инфраструктури проекти, има потреба од квалитетни млади инженерски кадри. Најпрво, универзитетите треба да образоваат инженери согласно потребите на пазарот на труд, несомнено со широки интердисциплинарни познавања и стекнати вештини за тимска работа со кои ќе можат многу брзо да се вклопат во производните процеси. Но, значајно е студентите уште во текот на студирањето да имаат можност за практична работа во компаниите, што ќе овозможи надополнување на нивното знаење. Е овде особена улога имаат компаниите, кои треба да креираат соодветни практикантски програми за студенти и млади дипломирани инженери. Секако, тие треба да бидат платени или стипендирани. Како универзитетски професор, слободно може да кажам дека во текот на студирањето не е предвидено студентите да одвојат доволно време за практикантска работа. Најчесто тоа го практикуваат оние во последните академски години, но за сметка на наставата. Затоа е потребно универзитетите и компаниите да ја зголемат својата соработка за да се создадат студиски програми со можност за практикантство за цело време на студирањето. На тој начин студентите ќе ја запознаат компанијата за да донесат одлука дали во неа ќе ја започнат кариерата, а компанијата ќе ги избере оние инженери што најмногу ѝ одговараат.


Дали успеваме да го задржиме инженерскиот кадар во државата?

Дел од младите инженери си одат од државата веднаш по дипломирањето. Но интелектуалната миграција е светски тренд и секогаш е насочена од земјите во развој кон развиените. Проблемот со Македонија е тоа што сме многу мала земја и одливот на овој кадар се чувствува, особено сега кога се отвораат нови индустриски капацитети. Од друга страна, немаме конзистентни државни политики за престој и вработување на кадри од други помалку развиени земји. Она што најмногу ја чини државата со одливот на интелектуалците, освен неможноста да се задоволат потребите на нашата индустрија, се потрошените државни средства за нивно студирање. Во моментот не само што имаме одлив на мозоци, туку имаме одлив и на буџетски средства, што не е за занемарување. Со оглед на тоа дека сме многу мала земја, чувствителна на овие трендови, можеби е време да се размислува за создавање сосема нови политики во таа насока.

Која е Ваша порака до младите инженери, како професор на инженерски факултет и како претседател на ИМИ?


Големите инженерски остварувања се темелат на тимска работа, заедно колегите инженери и другите вклучени во процесот. Иако секој инженерски проект се поврзува со името на една личност која го создала, рамо до рамо со неа стои армија од соработници. Само така може визијата на инвеститорот да се претвори во реалност. Младите инженери на својот професионален пат треба да следат неколку основни начела, што всушност претставува мојата професорска лекција до нив. Да се стане инженер, потребно е многу повеќе од разбирање на учебниците, потребна е аналитичност и способност за решавање проблеми. Да се работи како инженер, значи постојан компромис меѓу визијата за сопствениот проект и неговата вистинска вредност, истовремено да биде корисен и хуман. Да се постигне инженерско мајсторство во професијата, треба стекнатото искуство да им се пренесе на помладите колеги бидејќи без тоа, сè што си постигнал, макар да си направил грандиозни дела, низ времето ќе исчезне.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот