X
 12.08.2021 Наука

„Спутник V“ е околу 83 отсто ефикасна против делта-сојот, но многу ефикасна против тешки форми на болеста

Руската вакцина против ковид-19, „Спутник V“, е околу 83 отсто ефикасна против делта-сојот на коронавирусот, што е пониско отколку што се мислеше, потврди рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко.

Производителите на вакцината во јуни истакнаа дека „Спутник V“ е околу 90 отсто ефикасна против делта-сојот, а рускиот министер за здравство вели дека најновите резултати покажуваат дека ефикасноста е околу 83 отсто.

Исто така, Мурашко рече дека ефективноста на вакцината против тешка клиничка слика за која би била потребна хоспитализација, надминува 95 отсто.

Директорот на Институтот „Гамалеја“, Александар Гинтсбур, кој ја разви вакцната, порачува дека „Спутник V“ е безбедна и ефикасна вакцина против сите познати видови на коронавирус.

Според него, составот на „Спутник V“ во моментов е најоптимален и најефикасен во борбата против ковид-19.

- Вакцинацијата со две векторски компоненти целосно ги оправда очекувањата. Но, ова не е посебно предвидување, туку едноставно искуство стекнато од претходната вакцина против ебола и вакцината МЕРС (Блискоисточен респираторен синдром), што ги имаше нашиот тим. За една година,„ Спутник V“ целосно ги оправда очекувањата на научниците - вели Александар.

- Неверојатно е како сѐ се остварува. Сѐ што му рековме на рускиот претседател Владимир Путин - сите предвидувања се остваруваат. И претпоставките дека составот на вакцината ќе биде најоптимален и најефикасен денес, целосно се вистинити - додава тој.

sputnik
Фото: Freepik

Вакцината „Спутник V“, произведена од научно-истражувачкиот институт „Гамалеја“ во соработка со Рускиот фонд за директни инвестиции, доби сертификат за регистрација од руското Министерство за здравство на 11 август, со што стана првата регистрирана вакцина против вирусот корона во светот.

На 5 февруари, научното списание „Лансет“ ги објави резултатите од третата фаза од клиничките испитувања на вакцината „Спутник V“, во која е потврдено дека „Спутник V“ е безбедна и ефикасна вакцина. Во текот на третата фаза од клиничките испитувања, вакцината покажа висока стапка на ефикасност, имуногеност и безбедност. Ефективноста на вакцината е повисока од 91,6 oтсто. Вакцината обезбедува целосна заштита од тешки случаи на ковид -19.

Руските власти веруваат дека делта-сојот е одговорен за зголемувањето на ковид-случаите во јуни и јули, како и неподготвеноста на населението да се имунизира и покрај широката достапност на вакцини.

Извор: Nspm.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука