Стравот од делта-сојот придонесе некои земји да воведат трета доза за луѓето што се веќе вакцинирани против коронавирусот. Од друга страна, Светската здравствена организација побара од богатите земји да ја одложат вакцинацијата со третата доза додека сите земји не вакцинираат најмалку 40 отсто од населението.
САД, Русија, Израел, Чиле, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Турција, Србија и Унгарија ја одобрија третата засилувачка доза на вакцината против коронавирус.
Истражувачите што работат на ефективноста на вакцините против коронавирус во Велика Британија посочуваат дека заштитата што ја обезбедуваат две дози на „Фајзер-Бајонтек“ почнува да слабее во рок од шест месеци по примањето.
Една студија во Велика Британија покажа дека две дози од вакцината „Фајзер-Бајонтек“ беа 88 отсто ефикасни по еден месец, во споредба со 74 отсто по пет до шест месеци.
Компанијата „Фајзер“ објави дека ефикасноста на нејзината вакцина паднала од 96 отсто на 83,7 отсто по четири месеци.
„Астра зенека“ е 77 отсто ефикасна по еден месец, но се намали на 67 отсто по четири до пет месеци.
Третата доза на кинеската вакцина „Синофарм“ против коронавирус го зголемува нивото на антитела, кои се намалуваат неколку месеци по добивањето на втората доза, покажа студијата спроведена во Кина.
Студијата, која допрва треба да се потврди од други научници, беше објавена во време кога третата доза од вакцината се даваше на ризичните групи во Кина од страв дека заштитата ќе ослабне со текот на времето.
Освен во Кина, „Синофарм“ е најчеста вакцина во Обединетите Арапски Емирати и во Камбоџа.
Нивото на антитела се намалува за 70 отсто по пет месеци од ревакцинацијата со „Синофарм“ во споредба со нивото што е постигнато по четири недели од втората доза на вакцината, според истражувањето во кое учествувале здравствени работници.
Фото: Freepik
Но, по една недела од третата доза нивото на антитела повторно се зголемува.
По третата доза на вакцина „Синофарм“ се подобрува и клеточниот одговор на вирусот, се наведува во истражувањето и се додава дека клеточниот одговор е исто така најважен за долгорочна заштита од вирусот.
Третата доза на вакцината „Фајзер“ обезбедува силна заштита од вирусот на делта-сојот, според новите податоци објавени од оваа компанија на крајот од јули 2021 година.
Нивото на антитела со третата доза се зголемува пет пати повеќе кај луѓе на возраст од 18 до 55 години. Меѓу луѓето на возраст од 65 до 85 години, податоците од компанијата „Фајзер“ покажуваат дека нивото на антитела што треба да штитат од делта-сојот се зголемува 11 пати повеќе отколку по втората доза.
Исто како и заштитата добиена од природна инфекција, се чини дека постепено исчезнува имунитетот предизвикан од вакцината. Сепак, оттаму велат дека вакцините и понатаму нудат високо ниво на заштита од вирусот, вклучително и од делта-сојот.
Медицинските експерти се согласија со нив велејќи дека третата доза на вакцината, развиена од Оксфордскиот универзитет и компанијата „Астра зенека“, произведува силен имунолошки одговор против коронавирусот.
Кои земји ја нудат третата доза?
Обединетото Кралство ќе понуди трета доза од вакцината за ковид-19 на лица постари од 50 години и ризични групи - луѓе со сериозно ослабен имунолошки систем.
Британскиот министер за здравство Саџид Џавид изјави дека Владата ја прифатила препораката на Заедничкиот комитет за вакцинација и имунизација (JCVI) и дека вакцинацијата со третата доза ќе започне следната недела.
Во Велика Британија имаше само 256 смртни случаи поврзани со вирусот кај целосно имунизирани луѓе помеѓу јануари и јули 2021 година, од повеќе од 51.000. Овие смртни случаи во најголем дел се случиле во најранливите групи, како постарите луѓе со ослабен имунолошки систем.
На 1 септември Франција започна да дава дополнителна доза на вакцина за лица постари од 65 години и со коморбидитети, бидејќи делта-сојот се шири во земјата.
Во Франција трета доза може да се добие ако поминале најмалку шест месеци од целосната вакцинација со „Фајзер“ или „Модерна“. Оние што ја примиле вакцината „Џонсон и Џонсон“ со само една доза, можат да добијат дополнителна доза „Фајзер“ или „Модерна“ најмалку по четири месеци од првата вакцинација.
Во Италија третата доза вакцина против коронавирус беше одобрена за ранливите групи пред една недела.
Италијанската агенција за лекови (АИФА) одобри засилувачка доза на вакцината за оние што најверојатно ќе имаат помала заштита од двете дози на вакцината, како што се лица над 80 години и жители во домови за стари лица.
Фото: Freepik
Засилената доза е одобрена и за здравствените работници што се често изложени на коронавирусот.
Според препораката на АИФА, засилувачката доза на вакцината треба да се прими најмалку шест месеци по примањето на втората доза, а тоа важи за сите групи, освен за оние што се имунолошки загрозени, а третата доза на таа група треба да ѝ се даде по 28 дена.
Вакцинацијата со третата засилувачка доза почна во Русија во јули.
Министерството за здравство наведе дека дополнителна вакцинација ќе се применува додека најмалку 60 отсто од населението не стекнат имунитет на ковид-19. Кога ќе се постигне таа цел, дополнителни вакцини ќе се даваат еднаш годишно.
Во Израел третата доза беше одобрена за оние над 60 години на крајот од јули, а Владата постепено ја направи достапна за поголем број луѓе. Дополнителна трета „засилувачка“ доза во моментов е достапна за секој над 12-годишна возраст, ако поминале најмалку пет месеци откако бил вакциниран со втората доза.
Сингапур, исто така, од следната недела ќе им ја стави на располагање третата доза за граѓаните на возраст над 60 години и за оние со ослабен имунитет.
САД нудат засилувач за секој, без разлика на возраста и здравјето, осум месеци по добивањето на втората доза „Модерна“ или „Фајзер“.
Во САД стотици илјади дополнителни дози им се дадени на клинички ранливи лица од 13 август, а администрацијата на Бајден планира да им ги обезбеди на сите возрасни Американци по осум недели од примањето на втората доза.
Во Дубаи засилувачката доза е достапна за секој по шест месеци од втората доза, додека луѓето од ризичните групи можат да примат трета доза по само три месеци.
Чиле, Уругвај и Камбоџа нудат засилувачки дози за луѓето што биле имунизирани со вакцините „Синовак“ и „Синофарм“, почнувајќи од постарите лица и ризичните групи.
Тајланд и Индонезија им нудат трета доза на здравствените работници имунизирани со „Синовак“, и покрај ниското ниво на вакцинација.
Списокот со земји што го следат овој пример секојдневно расте.
Извор:
b92.net
Фото: Freepik