Фотографиите од пожарите во Амазонија ја обединија јавноста, која беше во шок и тага. Научниците неколку пати предупредија дека овие пожари ги уништуваат „белите дробови на Земјата“, што сериозно ќе ја загрози нашата можност да избегнеме катастрофално ниво на глобално затоплување.
Како одговор на ова уништување, луѓето почнаа да го преземаат веб-пребарувачот наречен „Екозија“, еколошки ривал на „Гугл“, кој засадува дрво со секое негово преземање. Овој пребарувач неодамна забележа пораст на корисниците за 1.150 отсто. Исто така, веб-пребарувачот вети дека ќе засади дополнителни 1 милион дрвја во наредните шест месеци како одговор на антиеколошката политика на претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро. Компанијата донира 80 отсто од своjот профит од рекламите за шеми за засадување дрвја и вели дека засадува дрво на секои 0,8 секунди.
Се опишува како модерен и инвентивен метод за заштита на светската клима без огромни напори. За многумина изгледа премногу добро за да биде вистинито - но дали е така?
Секој месец компанијата објавува финансиски извештаи што покажуваат како ги троши парите. Извештајот од јули 2019 година покажува дека 52 отсто од вкупниот приход биле потрошени за засадување дрвја (што е 80 отсто од вишокот приходи). Ова изнесува повеќе од 800.000 евра. Троши 5 отсто на рекламирање, 30 отсто за оперативни трошоци и има 12 отсто заштеда за финансирање на идните инвестиции.
Организациите што работат со „Екозија“ ѝ потврдија на „Сноупс“, веб-страница за проверка на фактите, дека ги добиле парите како што е наведено во финансискиот извештај.
Експертите се согласуваат дека компанијата е прогресивна организација со еколошка свест. Сепак, финансирањето на шемите за засадување дрвја не смее да ги оддалечи луѓето од главната цел: ставање крај на нивното уништување.
- Корисниците што го преземаат веб-пребарувачот по пожарите во Амазонија очигледно чувствуваат дека помагаат при засадување на дрвјата, но тоа е малку - изјави Андре Лаперир, извршен директор на компанијата „Годан“.
- Она што на Амазонија сега ѝ е потребно не се дрвја, туку промена на политиката на владино ниво за навистина да се направи разлика. Привременото садење дрвја за тие да бидат сечени од индустриите и земјоделските заедници не е никаква помош - додаде тој.
Ричард Џорџ, шеф за шуми во „Гринпис“ во Велика Британија, се согласува дека пошумувањето е неопходно, но тоа не значи ништо ако Амазонија и понатаму гори. Тој вели дека луѓето можат да направат разлика јадејќи помалку месо и млечни производи и повеќе растителна храна.
- Освен тоа, владите мора да ги прекинат трговските договори, а компаниите да го прекинат купувањето сè додека не се заштитат Амазонија и тамошните жители - мора да извршиме притисок за да се направи ова. Не може само да употребуваме различен пребарувач како излез од климатските вонредни состојби, камо да беше толку едноставно - додава тој.
Според Ана Китулагода од Светскиот фонд за животински свет, важно е проектите за засадување дрвја да не ги натераат луѓето да го изгубат фокусот од справувањето со уништувањето на шумите.
- Добро
дизајнираните проекти за садење дрвја, обезбедување на соодветните дрвја на вистинското место - ова се работи што се итно потребни. Важно е ваквите проекти да продолжат да се надополнуваат - изјави таа.