X
 12.11.2021 Наука

Робот става вакцина без игла и без присуство на доктор

Една од ретките легитимни причини зошто некој би се двоумел да се вакцинира е стравот од игли. Затоа „Фајзер“ и други компании направија верзија на вакцината во вид на таблети како алтернатива, но тука е и новиот робот кој, исто така, може да помогне целиот процес на вакцинација да биде помалку застрашувачки бидејќи го вакцинира пациентот сам, но без игла и без боцкање.

Роботот е направен од „Кобионикс“, компанија основана од канадскиот Универзитет во Ватерло, а неговото име е Коби. Компанијата го претставува како автономна и разновидна роботска платформа која може да се конфигурира и да се приспособи за различни задачи кои овој робот може да ги извршува сам, без човечки надзор. Ваквиот пристап во роботиката станува сè попопуларен во последниве години.

Роботот Коби е дизајниран и изграден со екстремна флексибилност, а за да ја смени работата, потребна му е само надградба на софтверот и мала замена на алатките што ќе ги користи за друга работа.

Со цел неговите креатори да ја покажат неговата флексибилност, направиле и демонстрација во која Коби дава вакцина.

И додека многумина би можеле да кажат дека единственото пострашно нешто од медицинскиот професионалец кој сака да стави игла во нечие рамо е всушност робот кој сака да го стори истото, Коби ја спроведува вакцинацијата на алтернативен начин.

Овој робот користи технологија за вшприцување без игла, преку млаз течност под висок притисок, со дебелина на човечко влакно, со цел да ја инјектира содржината на вакцината длабоко во ткивото на раката.

Коби е целосно автоматизиран бидејќи прво користи камери за да го открие присуството на пациентот, а потоа и документите за негова идентификација. Неговата рака има „лидар“ сензор, кој го скенира пациентот со голема брзина и создава 3Д-слика од телото на пациентот, која пак се анализира од софтверот на роботот и ја избира најсоодветната точка за инјектирање.

Пациентот добива упатства на екранот за тоа како да се подготви за инјектирање, вклучувајќи инструкции за тоа каде да стои, во која положба и кои делови од облеката да ги отстрани.

Но, и покрај сето ова, во реалниот свет постојат илјадници променливи што мора да се земат предвид за таквиот робот да биде ефикасен, поради што неговите креатори веруваат дека ќе бидат потребни уште неколку години тестирање и развој пред Коби навистина да почне да ги вакцинира пациентите.

Автоматизирањето на оваа процедура би ја направило вакцинацијата на населението полесна, поевтина, побрза и побезбедна бидејќи тоа нема да го доведе медицинскиот персонал во ризик.


Извор: Gizmodo.com
Фото: YouTube - Cobionix
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука