Илон Маск објави одговор на твитер-постот на д-р Дејвид Бисли, директор на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП), кој минатата недела за Си-ен-ен изјави дека светскиот глад може да се реши со помош на „еднократна“ исплата од некои од најбогатите поединци во светот (како Илон Маск).
- Ако ВФП може да опише како точно 6 милијарди долари ќе го решат гладот во светот, јас ќе ги продадам акциите на „Тесла“ веднаш - напиша Маск.
Извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс екс“ се надоврза во неделата: - Но, тоа мора да биде отворено сметководство, така што јавноста ќе може точно да гледа како се трошат парите - напиша тој на „Твитер“.
Ексцентричниот Јужноафриканец во моментов има проценета вредност од повеќе од 300 милијарди долари.
Бисли тврдеше дека дури само 2 отсто од моменталната нето-вредност на Маск изнесува 6 милијарди долари, што ќе „им помогне на 42 милиони луѓе кои буквално ќе умрат ако не стигнеме до нив. Не е комплицирано“.
По твитовите на технолошкиот магнат викендот, Бисли понуди дипломатски одговори на „Твитер“.
- Можам да ве уверам дека имаме воспоставени системи за транспарентност и сметководство со отворен код. Вашиот тим може да прегледа и да работи со нас за да се увери во тоа - напиша Бисли.
- Ајде да разговараме: не е толку комплицирано како „Фалкон Хеви“, но многу работи се во прашање за да не разговараме за тоа. Можам да дојдам со следниот лет. Исфрлете ме ако не ви се допаѓа тоа што го слушате - напиша Бисли и додаде дека 6 милијарди нема да го решат гладот во светот, но ќе ја спречат геополитичката нестабилност, масовната миграција и ќе спасат 42 милиони луѓе што се на работ на глад.
Но, Маск не му дозволи на официјалниот претставник да го каже последниот збор.
- Ве молам објавете ги вашите тековни и предложени трошења детално за луѓето да видат точно каде одат парите - напиша Илон Маск.
Извор:
Independent UK
Фото:
Wikipedia