X
 12.12.2023 Колумни

Колумна: Помеѓу нас и Европската Унија стои ПИСА

Македонија ќе влезе во Европската Унија тогаш кога ќе ги подобриме резултатите од тестот ПИСА или поточно тогаш кога ќе го трансформираме образовниот систем од индустриски во индивидуален, погоден за секој ученик.

Како истражувач на образованието (повеќе на високото), не сум премногу преокупиран со резултатите од ПИСА-тестот бидејќи за конкретни контексти како Македонија, Косово, Албанија, Србија и Црна Гора, овие податоци само ни покажуваат колку сме лоши или колку сме полоши во споредба со претходниот тест. Финска, на пример, прави голема разлика помеѓу овие податоци и оние собрани со цел да се подобри образованието во нивната земја (големи наспроти мали податоци). Тие создадоа многу успешен образовен систем и тоа не го постигнаа преку податоците на ОЕЦД. Финците го спроведоа истражувањето независно, ангажирајќи свои и меѓународни експерти.

Сепак, што ни покажува ПИСА овој пат: Генерално, резултатите од 2022 година се послаби од оние од 2018 година, во сите земји учеснички. Од 2018 до 2022 година светот се промени експоненцијално, додека образовните системи и училиштата во различни земји останаа исти или некои дури и заостанаа. Дополнително на ова, земјите кои инвестираа енергија и финансии во своите системи постигнаа успех на ПИСА-тестот. Овие земји или системи се: Макао (Кина), Тајпеј (Кина), Хонгконг (Кина), Сингапур, Естонија, Латвија, Јапонија итн. ОЕЦД силно сугерира дека за секој ученик на возраст од 6 до 15 години, една земја треба да инвестира во просек 100.000 долари/евра (74.000 до 100.000). Во Македонија годинава резултатите се послаби од минатиот тест (2018 година). Просекот на земјите од ОЕЦД е 472 во математика, 476 во читање и 485 во науката. Во Македонија просекот по математика е 389 (394 во 2018 година), читање 359 (393 во 2018 година) и наука 380 (413 во 2018 година). Постојат многу причини за ова. Од 2000 година, во сите земји учеснички, учениците со низок социо-економски статус или статус на ESCS како што е наведено од ОЕЦД (економски, социјален и културен статус), имаат помал успех на тестот ПИСА. Само оваа година има позитивно придвижување во овој аспект, а тука се вклучени и учениците во Македонија кои освоиле повеќе поени на тестот, особено во науката. Сепак, треба да се напомене дека првпат учениците во Македонија го полагаат ПИСА-тестот преку компјутер и тоа би можело да има важност, па затоа треба да се истражи.

Слабата економија со лошите плати кои се превалентни во Македонија и воопшто на Балканот влијаат врз многу аспекти. Ова ја вклучува посветеноста на родителите и нивната меѓусебна соработка со училиштата. Поради слабата економија, многу родители не се во земјава бидејќи се принудени да мигрираат во западните земји каде што работат по 3 месеци (90 дена). ОЕЦД нагласува голем број елементи кои мора да се исполнат за еден систем да биде успешен. Организацијата предлага, на глобално ниво, училиштата и родителите да создадат силни партнерства, а родителите да бидат централен дел од напредокот на учениците. Исто така, организацијата ја нагласува важноста од создавање услови за одржување на училиштата отворени, каде што клучна улога има подготовката на учениците за самостојно/автономно учење, како и создавање реални услови во училиштата да останат отворени и во тешки времиња, како онаа на ковид-19. Истражувањето на ОЕЦД покажа дека просечно еден од 15 ученици изјавил дека не се чувствува безбедно на училиште, додека 8 проценти од учениците изјавиле дека не можат да обезбедат свежа храна дома и во училиштата. Уште полошо, 20 проценти од учениците во истражувањето изјавиле дека биле малтретирани на училиште неколку пати месечно.

ОЕЦД силно сугерира училиштата да работат напорно за да ја ограничат употребата на различни дигитални уреди во училиштата, чии платформи создаваат дефокусирање од учењето. Училиштата треба да ја регулираат употребата на социјалните платформи за образовни цели, но тоа бара специфични вештини. За да се подобри успехот на учениците, ОЕЦД предлага училиштата да создадат механизми за поддршка на учениците кои не постигнуваат доволно за да поминат година и наместо да ги повторуваат годините, училиштата да понудат менторство еден на еден за да им помогнат да направат прогрес. Околу 30 проценти од учениците во истражувањето изјавиле дека не добиваат соодветна академска поддршка од наставниците кога не ги разбираат доволно поимите кои се дел од наставните програми.

Извештајот на ОЕЦД завршува со нагласување дека училиштата треба да бидат институции во кои учениците ќе можат да учат по системот ученик-ученик, што би ги диверзифицирало формите на учење и истовремено би го зголемило чувството за поврзаност на учениците со училиштата каде што ќе се чувствуваат побезбедно. Во иста насока, извештајот сугерира дека квалитетот во училиштата би се зголемил кога училиштата би вработувале наставници со повисока академска подготовка како резултат на потребното зголемување на квалитетот на педагошките програми, како и преку нови и квалитетни програми за професионален развој на наставниците. Квалитетот на училиштата главно зависи од создавањето капацитети за автономно управување со училиштата. ОЕЦД уште еднаш повторува дека училиштата кои имаат поголема автономија (во однос на можностите за успешно управување со истите) и сопствени програми за обезбедување квалитет, имаат подобри резултати на тестот по математика. Извештајот не ја занемарува важноста на наставните материјали (книги) и училишните библиотеки со дополнителни материјали за наставниците и учениците.

Сите овие податоци презентирани погоре јасно докажуваат зошто имаме лоши резултати на ПИСА-тестот. Во ниту еден од предлозите на ОЕЦД не постигнавме напредок во овие 30 години. „Реформата“ позната како „Новата концепција“ е интервенција во системот, односно одгоре-надолу, а таа не предвидува создавање капацитети во училиштата. Ваквиот концепт, кој во суштина е либерален и не е лошо конципиран, би бил успешен доколку се создаде во соработка со училиштата каде што директорите како академски лидери (во идеална Македонија) би учествувале со своите тимови, додека од друга страна, Бирото за развој на образованието, поради слабите резултати веќе 30 години, би станало центар за обезбедување и унапредување на квалитетот на образованието. Со тоа би се создале можности училиштата да имаат канцеларии за обезбедување и унапредување на квалитетот предводени од експерти кои би ги поддржувале наставниците во училиштата. Како резултат, училиштата би создале свои нови наставни програми кои како фундамент би ја имале новата концепција. Истите канцеларии би работеле заедно со наставниците и би ги ревидирале наставните програми секоја година бидејќи тие се динамични и мора да бидат во чекор со времето. Многу истражувања направени во поконкретни контексти, како во Финска, покажуваат дека една од главните причини за успех во учењето е и здравата храна што им се служи на учениците во училиштата. Во Македонија училиштата ја немаат оваа опција, освен приватните.

За крај, да не го заборавиме и англискиот јазик, кој не го зборуваат голем број наставници во училиштата. Уште полошо, англискиот јазик не го зборуваат и многу универзитетски професори. Сето ова се само одреден број причини за лошите резултати на ПИСА-тестот во нашата земја, во однос на деталниот извештај на ОЕЦД. Интервенцијата која би можела да се спроведе од системски аспект е иницирање и финансирање на национална студија во образованието која би ни дала конкретни податоци за процена на состојбите и потребите за промени. Сите ние сме виновни на еден или на друг начин, но одговорноста има само една адреса.

Автор: Артан Лимани, експерт за развој на образованието

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни