Професорката Елизабета Секирарска смета дека нашите ученици се заглавени во систем на таксативно образование без квалитет, фактографско учење кое не им креира поглед на нештата кои од тие факти треба да произлезат и кои за нив ќе значат дека знаат зошто ги учеле и каде може да ги применат
Македонските ученици постигнаа пониски резултати од просекот на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) на меѓународното ПИСА-тестирање во сите три нивоа - читање, математика и наука. Споредено со просекот на ОЕЦД, сaмo мал дел од учениците постигнале највисоки нивоа на владеење (ниво 5 или 6) во најмалку еден предмет. Всушност, се употребува терминот - незначителен за читање, а по 1% за математика и наука. Во Сингапур, на пример, дури 37% од учениците постигнале врвни резултати по математика.
Во анализата за нашата земја пишува дека 45% од македонските ученици постигнале ниво 2 (минимално ниво на владеење) во вештини на читање.
Резултати од ПИСА 2018
Функционалната неписменост и понатаму се врзува за нашите ученици
Професорката Елизабета Секирарска, која предава во средното училиште „Перо Наков“ во Куманово, вели дека ова тестирање се користи за да се согледа степенот до кој учениците на возраст од 15 години стекнале клучни знаења и вештини во областа на читањето, математиката и природните науки, како и степенот на апликативност на тие знаења.
- Ако се земе предвид реалната слика која, за жал, постојано се повторува кога се македонските ученици во прашање, се чини дека е крајно време на поразителните резултати да не се гледа со немоќ и прифаќање, туку да се третираат како уште еден алармантен инструмент за мобилизација во правец на посочување на причините, а не само санирање на последиците. Секако, ниту санирањето на последиците не оди лесно и поради тоа, од циклус во циклус сведочиме безмалку на повторување на резултатите кои укажуваат на фактот дека функционалната неписменост и понатаму се врзува за нашите ученици - вели Секирарска.
Елизабета Секирарска/ Фото: Јутјуб
Дека нашите ученици немаат применливо знаење, пишува и во целосната анализа. Во неа се вели дека незначителен процент на ученици имаат врвни резултати во читањето, што значи дека постигнале ниво 5 или 6 на тестот по читање (ОЕЦД просек е 9 %). Ова ниво значи дека учениците можат целосно да го разберат текстот чија содржина е непозната и да се занимаваат со концепти што се спротивни на очекувањата. Во 20 образовни системи, вклучително и на 15 земји од ОЕЦД, повеќе од 10% од 15-годишниците биле со вакви врвни резултати.
Кога е во прашање математиката, 39% од учениците постигнале ниво 2 (минимално ниво на владеење) по математика. Минимум што може да направат на ова ниво е да решат или препознаат, без директни инструкции како едноставна ситуација може да биде претставена математички (на пример, да споредат вкупно растојание на две алтернативни рути или да конвертираат цени во различна валута). Само 1 процент од нашите ученици постигнале ниво 5 или повисоко по математика (ОЕЦД просек е 11%). Овие ученици може да решаваат комплексни математички операции, да селектираат, споредуваат и да креираат стратегии за решавање и справување со проблемите.
Слични ни се резултатите и по наука.
Во анализата на ПИСА се потенцира дека имаме подобрување по сите предмети споредено со резултатите од 2015 година, но и дека сѐ уште сме под просечните постигнувања на ОЕЦД во сите три сфери. Целосната анализа за Македонија може да ја прочитате
ТУКА.
Помал пораз е сепак пораз!
За министерот за образование и наука Арбер Адеми овие резултати се најдобрите досега, како резултат на реформите што се преземени во последните години. Тој со голем оптимизам ги презентираше скоковите на нашите ученици по трите предмети на прес-конференција.
- Пред сѐ, она што испливува на површина како една од причините е „утешителната“ изјава на надлежните дека ова се најдобрите резултати досега и дека тие се директна последица од успешноста на спроведените реформски зафати. Сметам дека користењето помал пораз за промовирање на неостварен резултат не го намалува фактот дека тоа и понатаму е пораз. Сметам дека нема наставник кој би се сложил со оваа изјава и кој би ја дефинирал како своевиден чекор напред и покрај благиот премин нагоре по ранг-листата, затоа што нашите ученици и натаму се борат со состојбата во која утврдуваат факти по принцип на меморирање, без разбирање на причините зошто тоа што го усвоиле е такво какво што е - смета Секирарска.
Според неа, нашите ученици се заглавени во систем на таксативно образование без квалитет, фактографско учење кое не им креира поглед на нештата кои од тие факти треба да произлезат и кои за нив ќе значат дека знаат зошто ги учеле и каде може да ги применат.
- Знаат можеби дефиниција, година, формула, закон. Но, не знаат да извлечат заклучок, да најдат врска, да излезат од „кутијата“ и да искажат свое мислење, да препознаат како разликата може да биде истост. Тоа ние како наставници сѐ помалку го бараме од нив. Некој друг од нас како наставници не го бара тоа, туку нѐ обременува со пристапи кои и покрај декларативните заложби за нивна замена со нова улога во училницата, не ни овозможуваат самостојност во воспитно-образовните приоди и нѐ држат како заложници во професијата која мора да подразбира креирање поглед на свет, а не „штанцање“ на униформни умови кои не умеат тоа што го знаат да го применат понатаму. Таквиот систем носи квалификатив на ретроградно учење кое не дава ефект на примена, а со самото тоа не може да се нарече пристап кој ќе подразбере знаење – вели таа.
Лошо стоиме, и тоа е факт
Што треба да смениме во нашето образование, каде е излезот е прашање со кое треба да се позанимаваат креаторите на образовните политики?
- Фелата е едногласна по основа на еден непобитен факт - според тоа колку се вложува во образованието по сите основи со децении, резултатите можеа да бидат полоши. ПИСА-системот мора да се сфати како своевиден ресурс за нас, ресурс кој вистински ќе ја предизвика таа долго очекувана образовна реформа. Треба да се сфати како апел за дејствување. Шлаканицата која постојано ја добиваме не се избегнува со тоа што само ќе заклучуваме дека пак сме кај опашката или со тоа што во обид да се амнестираме од одговорност ќе заклучуваме дека сме помалку лоши од порано кога, нели, бевме многу полоши. Лошо стоиме, и тоа е факт.
Професорката вели дека мора да се тргне од професионалноста во врвот на оваа најсуштествена сфера, каде што се носителите на одговорноста и од каде што треба да стаса одговорот на неколку прашања: Зошто оваа сфера постојано е на маргините? Зошто не се слуша и прифаќа гласот на наставниците, кои најдобро знаат како функционира базата и што треба да се направи во правец на излегување од повеќедеценискиот ќор-сокак? Зошто упорно се инсистира на пресликување туѓи системи ако се уочува дека со нивна проста апликација на домашен терен не можат да ги дадат резултатите што се очекуваат? Зошто не им се пристапи на проблемите со еден сет сеопфатни решенија од системски тип, со издржани анализи и валидни согледувања. Зошто не се сфаќа дека ни се потребни структурни реформи кои ќе имаат сериозен национален белег и сами по себе ќе ги надминат реформите во образованието, затоа што ќе го добиеме одговорот на прашањето што оваа земја сака да биде, ќе стане ли земја на знаења со перспектива? Затоа што оваа земја е лулка на писменоста во која е мачно да се зборува за апсолутна функционална неписменост. Ќе биде ли некогаш образованието во фокусот на надлежните?
- Прашањата се многубројни. Одговорите би ја дале рамката за дејствување само доколку образованието би станало систем надвор и над политичките конотации, што освен што ќе подразбере враќање на дигнитетот на професијата и подигнување на квалитетот во училниците, ќе означува и ефикасен систем кој е споредлив, признаен и лесно приспособлив на меѓународно ниво - завршува Секирарска.