X
 13.02.2020 Живот

Млада активистка советува како да го смените светот

Сестрите Мелати и Изабел Виџсен ја основаа „Чао, пластични кеси“ (Bye Bye Plastic Bags) - кампања за забрана за користење пластика на индонезискиот остров Бали. Кампањата го почна трендот за користење предмети направени од еколошки материјали како замена за пластичните.

Сестрите ја почнале кампањата во 2013 година, кога имале 12 и 10 години. На почетокот Бали дневно произведувал доволно пластика за да наполни зграда од 14 ката. Приближно 95% од пластичните кеси се фрлале по еднократна употреба.

Движењето што го почнале сестрите Виџсен ги поттикнало младите луѓе на островот да се активираат и да ги принудат властите да преземат мерки. Сестрите организирале групно чистење на плажите и држеле презентации во училиштата, на фестивалите и на пазарите. Тие дури и штрајкувале со глад за да го убедат гувернерот на Бали да се сретне со нив. По шест години, во 2019 Бали ја забрани пластиката за еднократна употреба, како пластични кеси, сламки, чаши и слично.


Фото: byebyeplasticbags.org

Сега двете сестри ги советуваат младите низ светот како да се активираат за да предизвикаат позитивни промени во општеството. Мелати зборува за три чекори што секој може да ги направи за да го подобри светот.

Чекор 1 - Запознај се себеси

- Најди ја онаа работа за која навистина имаш страст, за која размислуваш 24/7. Ова е важно бидејќи фокусирајќи се на една работа, ќе можеш да го најдеш реалниот начин на кој може да направиш промена.

Чекор 2 - Откриј како ќе стигнеш до целта

- Направи агенда. Кој е првиот чекор? Кој е вториот чекор? Можеби нема секогаш да биде лесно, но за секого е различно - вели Мелати.
- Целта на „Чао, пластични кеси“ беше да се забранат пластичните кеси. Но почнавме со чистење на плажите, едукативни работилници и дијалози со многу различни луѓе што се активисти. Тоа се некои од различните начини на кои може да стигнете до вашата цел.

Чекор 3 - Не обидувај се да стигнеш до целта сам

- Треба да имаш тим и да бидеш околу луѓе што размислуваат слично на тебе за да ја реализираш идејата. Каде ќе најдеш тим? Ние почнавме од нашите најблиски пријатели. Повикај ги, кажи им на наставниците, на родителите и на соседите. Доколку зборуваш од срце, луѓето ќе те следат - вели Мелати.

Денес кампањата започната од сестрите е проширена низ целиот свет. Има 50 тима во 29 земји низ светот кои досега ја претставиле идејата пред 60.000 ученици.

Во меѓувреме, Мелати ја претстави платформата „Јутопија“ (Youthtopia) со која ги поттикнува младите да бидат активни. Целта на новата иницијатива е да ги научи младите на вештини преку работилници, собири и интернет-часови. Преку платформата младите може да научат повеќе за јавното говорење, организирањето кампањи, водењето и зборувањето со властите.

- Без разлика колку си стар или од каде доаѓаш, секогаш може да водиш преку пример. Не чекај дозвола. Не чекај да остариш и некој друг да ти го покаже патот. Сам направи го патот и тргни по него - вели Мелати.

Извор: Weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот