X
 13.03.2024 Наука

Вакцина за вирусот зика - можно решение за борба против ракот на мозокот

Научниците од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Дјук“, користејќи го вирусот зика, развија нов пристап за уништување на клетките на ракот на мозокот, притоа поштедувајќи ги здравите клетки. 

Користејќи кандидати за вакцини за вирусот зика развиени во „Дјук“, тимот открил како овие вакцини таргетираат клетки кои брзо се размножуваат над зрелите клетки - што ги прави идеална опција за таргетирање на брзорастечките канцерогени клетки во мозокот на луѓето. Нивните наоди нудат нова алтернатива за третман на пациентите со рак на мозокот.

Глиобластом мултиформе е најчестиот малигнен рак на мозокот, со повеќе од 300.000 пациенти годишно во светот. Стапките на преживување за таквите пациенти се лоши (прогноза околу 15 месеци), главно поради високата инциденца на повторување на туморот и ограничените опции за третман. За такви пациенти, онколитичката виротерапија - или употребата на создадени вируси за инфицирање и убивање на клетките на ракот - може да одговори на тековните терапевтски предизвици.

Вирусот зика е една таква опција во раниот развој. Тимот од „Дјук“ користел соеви од жива атенуирана вакцина против вирусот зика, кои се „ослабени“ вируси со ограничена способност да инфицираат здрави клетки, но сепак можат брзо да растат и да се шират во туморската маса.

- Го избравме вирусот зика затоа што природно ги инфицира клетките кои брзо се размножуваат во мозокот, што ни овозможува да стигнеме до канцерогените клетки кои тешко се таргетираат. Нашите соеви, исто така, се реплицираат во клетките на ракот на мозокот, па овој начин претставува жива терапија која може да се шири и да ги напаѓа соседните заболени клетки - вели д-р Карла Бјанка Луена Викторио, прв автор на трудот и виш научен соработник во Истражувачката програма за биологија на канцерот и матичните клетки при „Дјук“.

Д-р Викторио и тимот утврдиле дека соевите на зика вирусот биле многу ефикасни во инфицирањето на клетките на ракот бидејќи овие вируси се врзуваат за протеините кои се присутни во високи нивоа во канцерогените, но не и во здравите клетки. По инфицирањето на канцерогената клетка, овие вирусни соеви ги одземаат ресурсите на клетката за да се репродуцираат, што на крајот доведува до убивање на клетката.  Дополнително, некои клеточни протеини ослободени од заразените клетки можат да активираат имунолошки одговор за дополнително да го инхибираат растот на туморот.

Преку експерименти, тимот забележал дека инфекцијата од соевите на зика вирусот предизвикала смрт на 65 до 90 проценти од мултиформните туморски клетки на глиобластомот. Соевите, исто така, заразиле 9 до 20 отсто од клетките од крвните садови во мозокот, но инфекцијата сепак не ги убила овие здрави клетки.

- Од избувнувањето на вирусот зика во 2016 година постои страв за неговата природа и неговите разорни ефекти. Преку нашата работа се надеваме дека ќе го претставиме вирусот зика во ново светло со истакнување на неговиот потенцијал да ги убие канцерогените клетки. Кога живиот вирус е атенуиран, така што е безбеден и ефикасен за борба против заразни болести, тој може да биде корисен за здравјето на луѓето не само како вакцина, туку и како моќен агенс за искоренување на туморот - вели доцент д-р Ен-Мари Чако од „Дјук“.

Научниците го модифицираат вирусот за да може да се однесува неинвазивно откако ќе се инјектира кај пациент. Ова ќе им овозможи на лекарите да следат каде оди вирусот кај пациентот и колку долго е функционален во туморот. За таа цел, научниците ја истражуваат опцијата за комерцијализација на нивните вирусни соеви - и како вакцина против зика вирусот и како третман за рак на мозокот и потенцијално други видови рак, на пример, рак на јајчниците.

Извор: Science daily

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука