Кога пред неколку години истражувачите Пјотор Копер и Андреас Рихтер утврдиле дека пронашле воз преполн со нацистичко злато, никој не им верувал. Меѓутоа, беше покренато обемно истражување, па најверојатно наскоро би можеле да дознаеме дали нивните тврдења беа точни.
Парот истражувачи што наводно му влезе во трагата на исчезнатиот воз, заедно со тим од 35 други истражувачи-волонтери, неодамна почна со ископување на местото за кое тврди дека покажува аномалии во земјата кои упатуваат дека е закопано возило.
Од друга страна, алтернативна студија спроведена на Универзитетот за наука и технологии во Краков утврди дека не постојат докази што би упатувале на вистинитоста на наодите на Копер и Рихтер, но дека на тоа место би можел да се наоѓа тунел. Интересно е да се напомене дека полски функционери одбиле да учествуваат во овој потфат и дека целото истражување било финансирано од приватни извори.
„Килибарна соба“
„Килибарната соба“ е светски позната комора украсена со панели од јантар со златни листови и мноштво огледала. Некогаш се наоѓала во палатата на Катерина во царското село во близина на Санкт Петербург. Била изработена во Прусија во 18 век.
Пред да исчезне во виорот на Втората светска војна, се сметала за осмо светско чудо.
Златото на Јамашита
Тоа е називот со кој се именува наводниот воен плен од Југоисточна Азија, а кој го собрале јапонските освојувачи под заповедништво на Томојуки Јамашита. Подоцна било скриено во пештери, тунели и подземни комплекси на Филипините.
Ловците на богатства од целиот свет одат на островите на Пацификот во потрага по скриените богатства, но сè уште не е пронајден ни еден дел од тоа легендарно злато.
Алпската тврдина
Изградбата на вистински синџир од тврдини ја планирал шефот на СС, Хајнрих Химлер, на крајот од 1943 година. Тој уште тогаш правел планови за можен воен пораз на нацистичкиот режим, па сакал целото раководство да се повлече во планините на Јужна Баварија за оттаму да продолжат со вооружен отпор.
Адолф Хитлер не ги поддржувал во целост таквите планови на своите најблиски соработници, но и денес постојат шпекулации дека нацистите скриле огромно богатство во Баварија.
Ава Мару
Овој огромен јапонски крузер, завршен во 1943 година во Нагасаки, бил дизајниран за превоз на патници, но присилно бил мобилизиран во јапонската морнарица. Стотици јапонски морнари и војници тргнале од Сингапур кон јапонската територија пред самиот крај на Втората светска војна.
Според шпекулации од локалното население, превезувале пет милијарди долари вредни благородни метали и скапоцени камења. Доцна вечерта на 1 април 1945 година американската подморница „Квинфиш“ го торпедирала и го потопила бродот во Тајванската теснина.
Усташкото богатство
Агентот на американското министерство Емерсон Бигелоу во 1947 година напишал извештај во кој се наведува дека Католичката црква му помогнала на усташкиот режим да прошверцува околу 200 милиони швајцарски франци во злато преку Ватиканската банка. Истиот агент вели дека усташите извлекле околу 350 милиони франци од Хрватска пред крајот на војната.
Се претпоставува дека подоцна тие пари биле проследени во Шпанија и во Јужна Америка за избеганите усташи и нацисти да продолжат со својата работа далеку од Европа.