X
 13.07.2018 Економија

Авиокомпаниите измислуваат неверојатни начини за штедење гориво



Во 1987 година „Американ ерлајнс“ тргна по една маслинка од секоја салата што се сервираше во авионите, па на тој начин заштеди гориво вредно дури 40.000 долари на годишно ниво.

Заштедата била двократна – прво, компанијата можела да отпише десетици илјади маслинки од своите неделни листи за набавки, а второ, авионите станале полесни.

Маслинките секако не се крупен товар, но кога се работи за тежина на леталото и заштедите на гориво, авиокомпаниите не се шегуваат со такви ставки, ако се земе предвид дека леталата трошат еден литар гориво во една секунда!


Авион
(Фото: Pixabay)


Досега се забележани различни начини за намалување на тежината во авионот. „Вирџин атлантик“, на пример, изработи потенки стакла и ги отфрли тешките послужавници од бизнис-класата. Исто така, чоколадите и другите колачи ги заменија со „лајт“ варијанти, ги редизајнираа оброците и воведоа поширока понуда на пијалаци во текот на ноќните летови, кога патниците помалку консумираат течности.

Се проценува дека намалувањето на вкупната тежина за само половина килограм може да им заштеди на компаниите 14.000 галони гориво на годишно ниво.

Од друга страна, „Бритиш ервејз“, кој на секој начин се обидува да заштеди на потрошувачката на гориво, исто така воведе промени во послужувањето, а почна и весниците и списанијата да ги печати на потенка хартија. Авиокомпанијата „Јунајтед“ го направи истото и на тој начин заштедува по 300.000 долари на годишно ниво.

Авиодивизијата „Томас Кук“ исто така постојано бара начини да ги направи своите авиони полесни, па така количките и седиштата се изработени од многу полесни материјали. Веќе не се печатат сметки за купените производи во авионот, па така штеди 420.000 ролни хартија, а тежината на списанијата ја намали од 261 грам на 200 грама. Исто така, патниците добиваат само по една перница и ќебе, што порано не беше случај.

Не толку сензибилна идеја имаа и во „Рајанер“, каде што на членовите на екипажот им препорача да „водат сметка за својата тежина“.

„Ерканада“ уште во 2008 година ги исфрли елеците за спасување за да го олесни авионот, а што е пострашно, и законот го дозволи тоа на летовите над копно.

Најдобар беше обидот на јапонската авиокомпанија „Ол нипон ервејз“, која во 2009 година ги молеше патниците да извршат нужда пред летот за да можат веднаш да го испразнат тоалетот.

Сепак, на тоа поле најбрутална беше компанијата „Самоа ер“, која во 2013 година воведе „такса за дебели“ според која цената на билетот се пресметуваше според килограмите на патникот.

„Авионот подобро работи кога е полесен. Ние не продаваме седишта, продаваме тежина“, истакнал тогашниот извршен директор Крис Лангтон за Си-ен-ен.

Генерално, токму тоа е причината зошто авиокомпаниите ја ограничуваат тежината на багажот – колку е потежок авионот, толку повеќе гориво троши.

Истражувачите од Универзитетот МИТ пресметале дека секој патник што има телефон со себе ја чини авиокомпанијата „Саутвест ерлајнс“ 1,2 милион долари за трошоците за гориво, а кога секој со себе би носел и лаптоп, тогаш таа бројка би скокнала на 21,6 милион долари.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија