X
 30.09.2022 Наша тема

Веќе штедиме на струја, зимницата и автомобилите ни се свети, а ќе кратиме на излегувањата: Што покажа анкетата за подготовките за зимава

Студените денови полека се приближуваат и ние веќе имаме главоболки поради најавите за енергетската криза и сумите на сметките за струја и другите трошоци, кои веќе се зголемени, па дури и превисоки за многу жители на Македонија. Властите низ светот, а и кај нас, со месеци предупредуваат дека нè очекува најтешката зима по Втората светска војна, што нè инспирира да направиме анкета и да ги прашаме нашите читатели како се подготвуваат за зимава.

Резултатите се очекувани. Македонците кажаа на што ќе се греат и на што најмногу ќе штедат, но потврдија и дека предупредувањата веќе ги натерале да си ги променат животните навики.

Анкетата на Факултети.мк покажа дека 54,9% од испитаниците си ги промениле животните навики, додека 45,1% дале негативен одговор на ова прашање.



Она што сите го знаеме е дека Македонците се навикнати на штедење, а тоа го потврди и нашата анкета, на која 68,8% одговориле потврдно на прашањето дали веќе штедат електрична енергија, додека 31,3% не внимаваат на потрошувачката.



Начините на кои граѓаните велат дека штедат електрична енергија се различни. Најголем дел од нив велат дека чекаат евтина струја и ноќе завршуваат основни работи, други истакнуваат дека ги гасат светилките и ги заменуваат со штедливи, седат со еден вклучен телевизор, го гасат бојлерчето в кујна...

- Една машина за алишта/садови неделно, наместо во рерна, готвење на рингла и непалење светло никогаш - вели еден испитаник.

Друг испитаник, пак, истакнува дека почнал да користи лаптоп кој го полни во текот на ноќта и планира да готви на плин.

- И претходно трошењето не беше непромислено, ја користев електричната енергија за неопходни работи за нормално функционирање во домот и задоволување на основните потреби, така што нема на што да скратам - истакнува еден од испитаниците.

Некои од граѓаните вложиле и во изолација, па штедат така што имаат топлински изолиран дом, а други инсталираат и соларни панели.

- Штедиме на секаков можен начин - топлински изолирана куќа, шпорет и бојлер целосно на плин, штедливи светилки секаде, греење на дрва - пишува еден испитаник.

Граѓаните додаваат и дека почнале да внимаваат и да го исклучуваат телевизорот, кој порано им служел само за правење бучава.

- Јас секогаш штедам. Без разлика криза или не. Хумано е да се штеди енергија и да не се троши без потреба. Еколошки, пред сè, а потоа и економски - вели еден испитаник.

Ќе се грееме на струја

И покрај сите тие одговори, најголем дел од оние што одговориле на анкетата зимава планираат да се греат на струја.

Вкупно 41% од испитаниците планираат да плаќаат поголеми сметки за струја за да се стоплат зимава, додека 27,8% ќе се греат на парно, 20,1% на дрва и 11,1% на пелети.



Енергетската криза со себе донесе и поскапувања на сè, вклучително и на храната. Сепак, ништо не може да нè премисли кога станува збор за складирањето зимница за зимата. Поскапувањето натерало само 38,2% од испитаниците да складираат помалку зимница, додека 61,8 отсто одговориле дека поскапувањето не им влијаело врз полнењето на теглите.



И додека сето тоа е разбирливо и очекувано, она што можеби најмногу разочарува е што Македонците никако не можат да се откажат од автомобилите. Ниту поскапувањата на бензинот ниту сите други зголемени трошоци не можат да нè одделат од воланот. Тоа го покажуваат и одговорите на прашањето дали поскапувањата ве натераа да почнете повеќе да користите јавен или заеднички превоз, на кое негативен одговор дале дури 61,8% од испитаниците, додека позитивен 38,2%.



Она на што Македонците најмногу се расположени да штедат поради поскапувањата се излегувањата, концертите и театарот, но и патувањата. Голем дел од нив би се откажале и од цигарите и горивото, нешто помалку од пијалаците, книгите и храната.



Најголем дел од испитаниците, односно 65,3 отсто, веруваат дека нивните фамилијарни приходи ќе бидат доволни за да ја преживеат зимата, додека 34,7% сметаат дека нивните приходи не се доволни.



Мнозинството од испитаниците (69,3%) сметаат дека за едно четиричлено семејство да може да живее достојно со поскапувањата потребни му се повеќе од 60.000 денари месечно. За 24,4 отсто доволно би биле и 40.000-60.000 денари, додека 5,5% сметаат дека четиричлено семејство може да преживее и со 30.000-40.000 денари, а 0,8% се екстремно штедливи и мислат дека се доволни 20.000-30.000 денари.




Приказната за штурецот и мравката

Мнозинството испитаници се убедени дека властите можат да влијаат врз ситуацијата и да им помогнат на граѓаните. 77,1% од испитаниците одговориле потврдно, а 22,9% сметаат дека властите не можат да помогнат.



Ги прашавме испитаниците и кои се начините на кои властите би можеле да им помогнат на граѓаните, а еден од најчестите одговори беше „да престанат да крадат“. Исто така, голем дел од испитаниците сметаат дека може да се намалат даноците и да им се дадат субвенции на граѓаните.

- Многу начини. Намалување на даноците (ДДВ, дополнителни давачки). Ограничување на цените на прехранбените производи, горивата, умерено секако да не дојдеме до ситуација да пропаднат бизнисите и да имаме празни маркети, затворени бензински итн. НАМАЛУВАЊЕ НА КРАЖБИТЕ, КОРУПЦИЈАТА!!! Ама ова нема да се оствари, да бидеме искрени - истакнува еден испитаник.

Друг смета дека треба да има бесплатен јавен превоз, а според еден од испитаниците, треба да се доделува загарантиран приход на секој граѓанин.

- Требаше да преземат мерки уште пред пет месеци по примерот на некои балкански земји, сега мислам дека е предоцна, како приказната за  штурецот и мравката - вели еден од испитаниците.

Друг, пак, смета дека треба да се скратат трошоците за Владата, Собранието и министрите.

- Пакет економски мерки. Наместо да се купуваат октоподи и морска храна, може да се пренаменат тие средства за да им се помогне на социјално загрозените фамилии. Одличниот бизнис со купување струја од странство и препродавање во Македонија исто така влијае врз цената на струјата. Воведување на законот за самостојно произведување на електрична енергија со панели многу би влијаело врз цената на струјата. И уште многу начини на кои во моментов не можам да се сетам - пишува еден граѓанин.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема