X
 13.07.2018 Живот

За разлика од другите милениумци, норвешките се богати

Младите луѓе на Запад се на пат да станат првата генерација што израснала посиромашна од нејзините родители. Па како милениумците од само една држава се спротивставуваат на овој тренд?

Не се нови вестите дека долговите за универзитетите и големите трошоци за домување се чести грижи на луѓето родени од раните 80-ти и во првата деценија на 21 век што живеат во САД, Велика Британија и во многу други земји. Повеќе студии сугерираат дека оваа група ќе биде прва во историјата што ќе биде посиромашна од претходните. Но, можеби ова не мора да биде неизбежен заклучок.

Во најсеверната европска земја нештата се поинакви. Норвешка е позната по викиншката историја, спортовите на снег и фјордовите, но таа сега се прославува и како единствената голема економија во Европа каде што младите луѓе стануваат значително побогати.

Норвежаните во триесеттите години од животот имаат просечен годишен расположлив приход на домаќинства од околу 56.200 долари. Младите Норвежани уживале во 13-отстотно зголемување на расположливите приходи на домаќинствата, споредено со генерацијата икс, односно оние родени меѓу 1966 до 1980 година, кога биле на истата возраст.

Колку за споредба, американските милениумци доживеале пад од 5 отсто, а Германците пад од 9 отсто. За милениумците од Јужна Европа, расположливиот приход се намали до 30 отсто.

Стапката на невработеност меѓу младите Норвежани (оние на возраст од 15 до 29 години) исто така е релативно ниска (9,4 отсто) во споредба со просекот на Организацијата за економска соработка и развој (13,9 отсто).

- Не размислувам многу за тоа како ги трошам парите. Одам на театар еднаш месечно, одам на кино еднаш месечно. Можам да излезам и да јадам и да пијам надвор со пријатели. Одам на одмор... - вели 25-годишниот Александер Арнес.


Александер
Фото: BBC


Тој сака да твори за музички театри, но сè уште не заработува од тоа, па за да може да си го финансира животниот стил, тој работи само една или две смени неделно во супермаркет. Тој дели стан со пријател во населба која од центарот е оддалечена само 20 минути возење со автобус.

- Навистина сум среќен за ситуацијата во која се наоѓам. Не морам да жртвувам премногу за да се стремам кон кариерата што ја сакам - вели тој.

Саатницата на Арнес започнува од 20 долари, а се зголемува за викенд и за ноќните смени. По намирувањето на даноците, кои се прилично високи во Скандинавија, нему му остануваат околу 1.700 долари месечно. Половина од тоа му оди за кирија, патувања и сметки, а останатата половина за сè друго што сака.

Истовремено, еден 31-годишен бизнис-аналитичар си го полни своето „бе-ем-ве“ со намирници за скара. Не сака да го каже своето име, велејќи дека иако Норвешка е богата, луѓето не сакаат да кажуваат колкаво е нивното лично богатство. Но, тој признава дека заработил доволно за да купи стан со две спални кога имал 27 години и редовно оди на одмор во САД и во Азија.

Нафтата и гасот се главните виновници за економскиот бум што се случува во Норвешка во последните три децении, по големите откритија во Северното Море.

- Младите луѓе и луѓето што работат во помалку платените индустрии го искусуваа зголемувањето на нивните плати секоја година и разликите меѓу оние што заработуваат малку и оние што заработуваат многу не се толку големи во другите земји - вели професорката по економија Хилде Бјорнланд од Осло.

Зголемувањето на нееднаквоста беше главен фактор во опаѓањето на расположливите приходи за милениумците во другите силни економии како САД, Велика Британија и Германија. Во овие земји младите луѓе се соочуваат со недостиг од покачување на платата и мобилност на работата. Од друга страна, Бјорнланд вели дека рамноправниот пристап, односно распоредувањето на богатството меѓу генерациите, придонел за силна сатисфакција од животот и недостиг од социјални немири во Норвешка.

Дополнително, многу невработени Норвежани можат да побараат околу 60 отсто од нивната претходна плата и тој износ да го добиваат две години, додека бараат нова работа.

Бесплатното образование на повеќето училишта и државни универзитети и лесниот пристап до заеми, заедно со високите стапки на вработеност меѓу студентите, исто така се дел од сложувалката.

- Не е тешко да се најде работа овде и секогаш се добро платени. Тоа помага многу за покривање на трошоците и студиите. Морам да платам многу даноци, но не се грижам бидејќи знам дека државата ти дава толку многу нешта во исто време - вели Габриела Санзана (27) од Чиле.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот