Враќањето на работа по одмор може да изгледа како вистински пекол затоа што сте заборавиле сѐ и ве чека планина од обврски што треба да ги завршите што е можно поскоро. Но, постои решение како да си го олесните почетокот.
Направете листа на приоритети
Постои изрека „подобро да се спречи отколку да се лечи“, па затоа пред да заминете на одмор направете листа на тековни проекти или обврски за кои знаете дека ќе ве чекаат кога ќе се вратите, особено оние што ќе бидат приоритет во првите работни денови по одморот.
Со тоа ќе го прескокнете прашањето дали сте заборавиле нешто или кој е следниот чекор што треба да го направите.
Вклучете ги колегите
Постојат обврски што не можат да го чекаат вашето враќање од одмор и кои треба да ги дадете на вашите колеги. Оставете им детални упатства и ако имате претпоставени, известете ги кој ќе ја заврши тековната работа за вас.
Поставете автоматски одговор за телефонот и мејлот
Можете да вклучите говорна пошта на вашиот телефон, со порака дека сте моментално на одмор, кога ќе се вратите и вашиот приватен број во случај на нешто итно.
Во повратниот мејл треба да напишете кога сте на одмор и кој е вашата замена. На овој начин го постигнувате следното: ќе имате подобар одмор без вознемирувачки повици од работа, а вашите колеги и соработници ќе знаат кому да се обратат.
Прашајте што се случило додека сте биле отсутни
Корисно е да се договорите со колегите или претпоставените да ви испратат краток извештај еден ден пред да се вратите на работа за тоа што се случило додека не сте биле таму, за да имате увид пред да пристигнете во канцеларијата.
Друга опција е да организирате кратка средба со претпоставен или колеги откако ќе се вратите.
Фото: Freepik
Оставете го вашиот работен простор уреден и чист
Сортирајте ги документите така што новите документи и договори што ќе пристигнат во ваше отсуство, нема да бидат изгубени.
Оставете барем еден слободен ден од враќање од патувањето
Ако го поминавте одморот на патување, препорачливо е да имате барем еден слободен ден пред да се вратите на работа. Искористете го денот за отпакување, наспијте се ако патувањето било заморно и подгответе се да се вратите на вашите тековни секојдневни обврски.
Означете важни датуми во календарот
Пред да се вратите на работа, погледнете го календарот и обврските што ве чекаат во следните неколку недели. Ова ќе ви помогне да не се чувствувате „изгубено“ кога ќе се вратите. Прво поминете низ најитните работи што ви останале пред да заминете на одмор, а потоа направете план за работните обврски што ве чекаат.
Правете редовни паузи
Разговарајте со вашите колеги и во моментите кога ве фаќа криза - погледнете ги фотографиите од вашиот одмор и „наполнете ги батериите“.
Фото: Freepik