Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), банките низ светот сè почесто работат на проекти кои се поврзани со дигиталните валути кои би ги издавале централните банки. Тие се познати под поимот дигитална валута на централна банка, а во практика би требало да бидат дигитална верзија од државната валута која ја издава и регулира централната банка.
Нивното ширење речиси насекаде низ светот во последните години е поттикнато од технолошкиот напредок во полето на криптовалутите, како и сè пореткото користење готовина.
97 централни банки работат на проекти
Централните банки на многу земји во последните 5 години почнале да ги истражуваат дигиталните валути, а некои започнале и со проекти за истражување на воведување дигитална валута. Од 2020 година овој тренд дополнително расте, а бројот на централни банки што се впуштиле во овие води е речиси тројно зголемен.
Фото: Freepik
Според податоци од ММФ, во јули годинава биле забележани 97 вакви проекти. Од нив 65 се во фаза на истражување, за 15 постои доказ на концепт, дополнителни 15 имаат и пилот-верзија на дигитална валута, а само два се започнати - оние во Нигерија и на Бахамите.
Мапа покажува кои земји работат на вакви проекти. На мапата, Македонија е обоена со сиво, што значи дека не се работи на ваков проект. Меѓутоа, Народната банка на Македонија годинава
изјави дека размислува за воведување дигитална верзија од денарот.
Предности и ризици
Дигиталните валути на централните банки би требало да ги зголемат сигурноста и ефективноста на платните системи, да послужат за промоција на финансиската вклученост на пошироката популација, но и да поттикнат конкуренција и да ги зајакнат финансиските системи преку забрзување на трансакциите со пониски трошоци.
Фото: Pixabay
Сепак, при нивно воведување треба да се води сметка и за стабилноста на класичниот финансиски систем. Клучна ќе биде нивната прифатеност во јавноста, односно побарувачката за таквите финансиски инструменти.
ММФ предупредува и на ризици за кои мора да се размисли, како ризикот од повлекување премногу готовина од банките за таа да биде претворена во дигитални пари, што би можело да доведе до криза во банкарскиот систем. Се посочува и ризикот од хакерски напади на новите финансиски системи.
Извор:
Bug