X
 13.10.2019 Живот

Позитивниот поглед на светот го намалува ризикот од срцев или мозочен удар

Луѓето со позитивно гледиште на светот веројатно поретко ќе се соочат со срцев или мозочен удар отколку песимистите, а веројатно и подолго ќе живеат, покажува неодамнешна анализа.

Во анализата, која се заснова на постојни истражувања, научниците истражиле податоци од 15 студии во кои биле вклучени помалку од 230.000 луѓе, а следени се во просек 14 години.

Со текот на времето најоптимистичните лица имале за 35 отсто помали шанси од најпесимистичните за срцев или мозочен удар, а 14 отсто помали шанси да умрат од некоја друга причина, објавено е во медицинското списание „ЈАМА нетворк опен“.

- Резултатите посочуваат дека позитивното и негативното размислување не само што влијаат врз квалитетот на живот туку може да бидат поврзани и со здравјето - истакна Алан Розански, водечки автор на студијата.

Оптимистите имаат позитивни здравствени навики кои им помагаат да живеат подолго, објаснува Розански. Тие јадат подобро, повеќе вежбаат и помалку пушат од песимистите, а имаат и подобри начини за справување со проблемите, што им помага да бидат проактивни на полето на здравјето и да минуваат низ тешките времиња без да ги менуваат навиките.

Розански додава дека песимизмот, од друга страна, може да поттикне почести воспаленија и да ги направи луѓето поподложни на развој на метаболитички нарушувања, кои можат да го скратат животот.

Додека многу студии во текот на минатите неколку децении ги поврзуваа стресот и промените на расположението со зголемениот ризик од срцеви болести, овие резултати нудат свежи докази дека гледањето на животот може да влијае врз здравјето на срцето.

- Оптимизмот долго време се поврзува со подобри резултати на училиште и на работните места поврзани со продажба, спорт, политика и социјални односи, но тој е и важно здравствено прашање кое досега не беше доволно истражено - истакна Розански.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот