X
 15.06.2022 Здравје

Ризикот од срцев удар може да се предвиди со едноставен очен преглед, тврдат научниците

Според неодамна објавена студија, едноставен неинвазивен очен преглед може да помогне да се предвиди ризикот од срцев удар кога се комбинира со други информации.

Истражувачите откриле дека комбинирањето информации за шемата на крвните садови на ретина со традиционалните клинички фактори им овозможило подобро да го идентификуваат ризикот од срцев удар кај испитаниците, во споредба со воспоставените модели кои вклучуваат само демографски податоци.

Во резимето, кое ќе биде претставено на годишната конференција на Европското здружение за хумана генетика во Виена, детално се објаснува како податоците од британската „Биобанк“, која содржи 500.000 медицински записи, биле користени за пресметување на фракталната димензија.

Потоа направиле модел во кој го комбинирале ова со фактори како што се возраста, полот, систолниот крвен притисок, индексот на телесна маса и статусот на пушење, проучувајќи ги луѓето во базата на податоци кои претрпеле миокарден инфаркт и кои имале слики од ретина.

- Откривме дека нашиот модел може подобро да ги класифицира учесниците со низок или висок ризик од миокарден инфаркт во споредба со постојните модели кои вклучуваат само демографски податоци. Резултатите се уште попрецизни кога ќе додадеме резултати поврзани со генетските предиспозиции - нагласува авторот на извештајот, Ана Вилаплана-Веласко, докторанд на Универзитетот во Единбург.

Истражувачите наведуваат дека нивната анализа открила дека постои заедничка генетска основа помеѓу фракталната димензија и миокардниот инфаркт.

pregled
Фото: Freepik

Просечната возраст на пациентите што доживеале срцев удар е 60 години, а истражувачите откриле дека нивниот модел постигнал најдобри предвидувачки перформанси повеќе од пет години пред да се случи срцевиот удар. Тие се надеваат дека во иднина со едноставен преглед на ретината ќе може да се обезбедат доволно информации за да се идентификуваат луѓето што се изложени на ризик.

Може да препознаете срцев удар еден месец пред да се случи

- Пресметувањето на индивидуалниот ризик од миокарден инфаркт кај лицата постари од 50 години ќе им овозможи на лекарите да предложат мерки за намалување на овој ризик, како што се откажување од пушење, контрола на холестеролот и крвниот притисок - додава д-р Вилаплана-Веласко.

Истражувачите веруваат дека секој здравствен ризик остава уникатен профил на варијации на мрежницата и дека нивните наоди би можеле да бидат корисни во идентификувањето на предиспозициите и за други болести.

Истражувачите ќе продолжат да анализираат за да утврдат дали постојат родови разлики со цел да се добие подобра класификација на ризиците.

Професорот Нилс Самани, директор на Британската фондација за срце, смета дека се потребни дополнителни истражувања за да се докаже дека прегледот на мрежницата дава предности во предвидувањето на ризикот од миокарден инфаркт.

- Ќе биде потребна работа за да се разбере изводливоста на овој пристап и да се одреди како најдобро да се вклучат овие скенови во рутинската клиничка практика - изјави тој.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје