X
 13.10.2019 Живот

Препишувањето рецепт за контакт со природата за луѓе со лошо ментално здравје може да заштеди пари

Препишувањето рецепт за контакт со природата за луѓе со лошо ментално здравје може да заштеди речиси 7 фунти, за секоја 1 фунта инвестирана во проекти, откри ново истражување во Велика Британија.

Луѓето што имале тегоби како вознемиреност, стрес и депресија пријавиле дека се чувствуваат значително подобро, и емоционално и физички, откако учествувале во проекти за заштита на природата на отворено, се вели во истражувањето на Универзитетот „Лидс Бекет“.

- Препишувањето на природата како лек функционира и заштедува пари. Природниот пристап кон здравјето нуди важна немедицинска услуга што ќе обезбеди здравствена превенција и ќе го намали сегашниот товар на Националната здравствена служба - се вели во резимето на истражувањето.

priroda
Фото: Getty Images


Во извештајот било откриено дека за секоја 1 фунта инвестирана во специјализирани проекти за здравствени или социјални потреби што ги поврзуваат луѓето со природата има социјален поврат од 6,88 фунти.

Исто така, било пресметано дека има 8,50 фунти социјален поврат за секоја 1 фунта инвестирана во редовни волонтерски проекти во природата, кои помагаат да се создаде здрав начин на живот преку решавање проблеми како што се физичката неактивност или осаменоста.

Рецептите за природа вклучуваат активности како спроведување заштита на живеалиштата или чистење езерца.

Истражувањето открило дека 95 отсто од луѓето што имале лоша ментална благосостојба забележале подобрување шест недели по работењето во природа.

- Сакаме да видиме дека концептот на препишаниот рецепт за природа станува основен дел од програмите за ментална благосостојба - вели Дом Хигинс, менаџер за природа и благосостојба од Фондот за дивиот свет.

- Овој нов извештај ја покажува огромната вредност на природната здравствена услуга. Дополнително на тоа, потребни се повеќе диви, природни места блиску до местата каде што живеат и работат луѓето. На тој начин препишувањето на природата како лек може да се спроведе секаде - додава тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот