Живееме во несигурно време кое може да биде застрашувачко. Не изненадуваат резултатите од едно ново истражување кои покажуваат дека пребарувањата на „Гугл“ поврзани со „анксиозност“ и „панични напади“ се зголемиле од почетокот на пандемијата на коронавирусот.
Нормално е да се има одредена анксиозност, но луѓето повеќе се чувствуваат загрозени и во опасност поради пандемијата. Дури и кога сме во домот, постојано сме потсетувани на заканите надвор. Анксиозноста може да претставува сериозна потешкотија за одредени луѓе и да ги обземе сите
аспекти од животот. Во овие ситуации, нашиот мозок ни кажува дека сè е опасно, па дури и најнормалните активности како одењето во супермаркет, изгледаат невозможни.
Фото: Freepik
Анксиозноста може да предизвика паничен напад или напад на анксиозност кај одредени лица, а ова се случува кога погрешно ги толкуваме нештата како опасни. Може да се јави додека сме бомбардирани со негативни и заканувачки пораки или едноставно кога мора да излеземе од домот. Тогаш, нивото на анксиозност е високо и лицето нема контрола врз чувствата, а поради ова нашето тело мисли дека сме во вистинска опасност.
За време на паничен напад може да се забележат одредени физички сензации како брзо чукање на срцето, чувство на гадење или вознемиреност во стомакот, потење или чувство на висока температура, тресење или чувство на слабост. Може да се појават и негативни мисли, па така може да мислите дека ќе умрете или дека ќе се слуши нешто лошо, па дури и да мислите дека го губите разумот. Во оваа ситуација може да се смени и вашето однесување и може да почувствувате лутина.
Што може да предизвика паничен напад?
Многу работи може да доведат до паничен напад, а понекогаш може да изгледа дека нема причина за нападот. Честопати, паничните напади се поттикнати од чувството на несигурност, без разлика дали сте во одредена ситуација или треба да се соочите со нешто од што имате страв. Некои луѓе имаат потешкотии додека користат јавен превоз, додека летаат или кога мора да се социјализираат. За други, стравот може да биде предизвикан од одење во супермаркет или возење со лифт.
Паничен напад може да биде предизвикан и од одредени промени во нашето тело, како пиење многу кафе. За време на пандемијата, носењето маска може да предизвика паничен напад доколку личноста чувствува дека не може да дише. Препорачаното физичко растојание може да направи да започнеме да гледаме на луѓето како опасни, па одењето на места на кои има многу метеж може да предизвика паничен напад.
Фото: Freepik
Паничните напади може да се појават одеднаш, а понекогаш и пред предупредување. Доколку мислите дека имате паничен напад, постојат неколку работи што може да ги направите. Пред сè, дишете. Вдишете полека низ носот броејќи до четири и издишете низ устата броејќи до четири. Повторете ја оваа вежба повеќепати.
Во меѓувреме, обидете се да најдете нешто што ќе ви го одвлече вниманието и ќе ви помогне да заборавите на паничниот напад. Обидете се да броите 3.000, прочитајте нешто ново или избројте ги сите форми и бои на одредена фотографија.
Доколку не ви успева ова, обидете се да се уверите дека паничниот напад е само ваше погрешно претставување на светот како опасно место. Зборувајте во себе и повторувајте си дека сте безбедни и сè ќе биде во ред. Обидете се да се фокусирате на моментот во кој се наоѓате. Кој е датумот и времето? Што се наоѓа околу вас? Што може да слушнете, мирисате, допрете или видите?
Конечно, помагаат активности кои ве релаксираат, како слушање музика или играње со одреден предмет. Правете ги активностите кои ве опуштаат пред ситуации кога очекувате да бидете анксиозни и на тој начин може да го спречите паничниот напад. Доколку навистина се обидувате да се борите со паничните напади, а тоа не ви успева, разговарајте со вашиот матичен лекар.
Автор: Џен Купер
Извор:
menafn.com