X
 27.12.2015 Образование

Помогнете му на детето да се избори со епидемијата на препишување

Иако делува како едноставен трик со кој децата на секаде низ светот се служат на тестовите, а ниту студентите не можат да му одолеат, препишувањето може лошо да влијае врз детето.

Овој тренд го зафати целиот свет, а покрај наставникот кој треба да го спречи препишувањето на тестовите, дел од одговорноста, лежи и кај родителите.

На секои две години, Институтот Џозефсон во Америка спроведува истражување меѓу средношколците популарно познато како „Извештај за етиката на американската младина“. Во последното истражува кое опфати стотина училишта, учествувале 43.000 ученици од приватните и државните училишта. Резултатите биле доста разочарувачки.

- Препишувањето зело замав во сите училишта и станува се` позастапено;

- Секој трет ученик и секоја трета ученичка признаваат дека во текот на минатата година украле нешто од продавница;

- 21% од децата велат дека украле нешто од родителите или роднината, а 18% од другарите;

- Иако 92% од децата веруваат дека родителите од нив очекуваат да се однесуваат одговорно, дури 8 од 10 деца признаваат дека ги излажале родителите во врска со нешто што е значајно;

- Повеќето деца признаваат дека во текот на минатата училишна година препишувале на тестот, а околу 34% од нив и повеќе од два пати;

- Секое трето дете признава дека користело интернет за да пронајде веќе готов труд за некој предмет.

Основни причини поради кои децата препишуваат

Психолозите се едногласни во тоа дека клучниот фактор за искоренување на навиките да препишуваат е тие да бидат сфатени зошто го користат токму ова решение. Постојат многу причини поради кои децата препишуваат или размислуваат да препишуваат, а ова се неколку основни:

- Слабо развиено сфаќање за искреност:
Во ова сценарио, развојот на детскиот карактер е во втор план; совеста е недоволно развиена или недоволно поттикната или пак искреноста и почитта не се доволно нагласени во домот или училишната средина;

- Стрес: Притисокот да биде одлично е огромен, а притискот за добри оценки поради школарина, стипендии или училишен успех во денешните економски услови е поизразен од било кога;

- Примери за недолично однесување
: Очекување детето да биде искрено не е нагласено дома или на училиште, тренерот го турка детето до победа во било какви услови, наставниците не обрнуваат внимание, а родителите нагласуваат дека оценките се најважни додека оние кои препишуваат поминуваат одлично;

- Недостаток на време: Детето има многу обврски такашто нема доволно време за учење;

- Страв дека ќе ги разочара родителите:
Стравот дека детето ќе ги разочара родителите може да биде многу силен мотиватор;

- Притисок
: Опкружувањето во училиштето умее да биде хипер-натпреварувачко или може да се случи улогите да се премногу високи и детето проценува дека не смее да си дозволи да не постигне добри оценки;

- Слаби вештини: Академските очекувања можат понекогаш да биде премногу високи или детето за некои од нив можеби нема доволно рутини или вештини;

- Притисок од врсниците и соучениците: Доколк другите деца во заедницата препишуваат и од вашето дете ќе се очекува да препишува и притисокот може да биде премногу голем за да му одолее.

- Мрзеливост и несериозност: Ако детето веќе препишало и успеало во тоа да се извлече, тоа ќе продолжи да го прави тоа.

Решение за епидемијата од препишување

Препишувањето и другите облици на мамење може да се усвојат многу рано и да станат прифатливо однесување. Со оглед на тоа што децата најчесто започнуваат да размислуваат за оваа тактика на возраст од 10 до 14 години, родителите треба да обрнат внимание.

Како да откриете дали детето препишува?


Прашајте го за изворите кои ги користело - На овој начин брзо ќе дознаете дали детето само го напишало есејот или ископирало текст од интернет.

Прашајте го што имало на тестот - Доколку детето не може да се сети на ниту едно прашање, тоа е сигнал дека ги препишувало одговорите.

Читајте ги неговите трудови
- Ова е најдобриот начин да проверите дали станува збор за негов труд

Погледнете ја домашната задача - Ако количината на домашна задача започне да опаѓа, постои причина за сомневање дека детето ги користи домашните задачи од другарче наместо сам да ги работи.

Бидете во тек со датумите на тестовите

Ако следите дали детето се подготвува за тест и му помагате во учењето, тогаш можете да бидете сигурни дека тоа вистина е заслужно за своите добри оценки.

Современата технологија придонесе за полесно и поефикасно препишување. Некои од децата кои често ги користат се: испраќање порака со одговорите од прашањата на тестот преку мобилен телефон, копирање готови материјали од интернет, снимање на лекцијата на телефон и слушање преку слушалки или фотографирање на тестот за да се даде на другите ученици.

Доколку откриете дека вашето дете и не прави разлика меѓу напорно работење и учење и лесно заработување на добри оценки, треба да му помогнете да открие зошто неговото однесување е неприфатливо. Важно е да реагирате на вистински начин кога детето ќе признае дека препишувало, бидејќи токму од вашата реакција зависи дали ќе продолжи со оваа пракса. Имајте на ум дека учениците со најдобар успех на училиште се често под најголем притисок.

Важно е да му дајте до знаење дека ги сфаќате причините поради кои одлучило да препишува, меѓутоа треба да му кажете дека тоа не е решение. Разговарајте за ситуацијата и заедно пронајдете решение.

Кога детето ќе направи грешка и има храброст да ја признае грешката, покажете му дека ја цените искреноста. Однесувањето кое е пофалено има поголема веројатност да се повтори, а секое повторување ја зголемува шансата тоа да ја усвои како навика. Доколку ја пофалите детската искреност, дури и ако следува после грешка, тогаш на вашето дете му правите голема услуга. Потребно е да пронајдете вистински баланс за детето да знае дека лагата и мамењето се погрешни, но дека секогаш може да ви признае и да ви објасни зошто направило нешто погрешно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование