X
 13.10.2021 Наука

Една од најголемите комети ќе помине низ нашиот Сончев Систем

Кометата Бернардинели-Бернштајн првпат била забележана во 2014 година со помош на телескоп во пустината Атакама во Чиле. Меѓутоа, речиси седум години подоцна, во јуни, истражувачите потврдиле дека станува збор за комета, а веројатно и најголемата што била истражувана со модерни телескопи.

Таа била откриена од Педро Бернардинели, истражувач, и Гери Бернштајн, кој тогаш му бил советник на Бернардинели.

Според последните процени, јадрото на кометата е широко 150 километри. Во следната деценија кометата ќе станува сè посветла како што ќе се приближува до внатрешноста на Сончевиот Систем. Таа ќе биде најблиску до Сонцето на 21 јануари 2031 г. кога ќе се наоѓа на околу милијарда милји од Сонцето, односно малку подалеку од вообичаената оддалеченост на Сатурн.


Фото: Pixabay

Потоа ќе почне да се оддалечува, но ќе остане видлива барем до 40-тите години на овој век, а можеби и подолго. Во зависност од гасот што ќе го испушти поради близината до Сонцето, кометата би можела да биде исто светла како и Титан, најголемата месечина на Сатурн. Тоа значи дека таа би можела да се гледа со обичен домашен телескоп во 2031 година.

Астрономите пресметале дека на кометата ѝ требаат милиони години за да направи круг околу Сонцето.

Научниците веќе размислуваат за мисија до кометата, а таквата мисија би требало да биде лансирана најдоцна во 2029 година за да стигне до кометата во 2033 г.

Извор: National Geographic 
Подготвил: Драгана Петрушевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука