X
 14.01.2017 Здравје

Најголемите заблуди поврзани со настинката

Прекумерното затоплување, избегнување на излегување надвор на студено време, избегнување сладолед, студени пијалаци, паничен страв од промаја...

Дали се ова митови или најдобар начин за превенција на настинката? Ретко кој ја „истуркал“ зимата без настинка и вирусни инфекции на горните дишни патишта. Таа започнува со болка во градите, после што се јавува досадното течење и затнување на носот, кивање, кашлање и главоболка, а понекогаш и висока температура.

Настинката просечно трае од пет до седум дена, а во ретки случаи, посебно кај децата, инфекцијата може да се прошири и на синусите или увото.

Ова се некои основно факти за настинката, кои веројатно сите ги знаеме. Сепак, меѓу луѓето се присутни бројни заблуди во врска со настинката. На пример, родителите често ги облекуваат децата и повеќе од потребно, не излегуваат на студено време или не јадат сладолед, се' поради стравот од настинка.

Што е вистина?

#1 заблуда - Во зимата настинките се почести бидејќи е студено

Една од честите заблуди е дека настинката се јавува исклучиво во зима и дека студеното време само по себе доведува до нејзино настанување. Секако, точно е дека настинката значително почесто се јавува во зима од било кое друго годишно време, меѓутоа температурата нема никаква директна врска со тоа.

Во зима луѓето се' почесто престојуваат во затворен простор, многу повеќе се ориентирани еден кон друг и така поинтензивно разменуваат микроорганизми.

nastinka
Фото: Pixabay

Освен тоа, во зима воздухот е сув, особено во просториите каде се грее, а докажано е дека вирусите во вакви услови побрзо се шират. Некој ќе каже дека и во летен период воздухот е сув, меѓутоа настинките се поретки во лето бидејќи луѓето почесто престојуваат на отворен простор и во поредовно проветрени простории.

Со тоа можноста за пренесување на вирусот од човек на човек, значително се намалува.

#2 заблуда - Сладоледот и студениот пијалак предизвикуваат настинка

Сладоледот и студените пијалаци често пати се сметаат за предизвикувачи на настинката. Точно е дека со нивно консумирање може да дојде до чувство на непријатност, гребење на грлото и блага болка во грлото. Но, тоа се случува поради стеснување на крвните садови под дејство на студено, а тоа не е настинка.

Сладоледот и студените пијалаци не предизвикуваат настинка. Инфекција може да предизвикаат само вирусите и бактериите.

#3 заблуда - Промаја

Промајата е феномен меѓу нашиот народ и се обвинува за многу болести, а најмногу за настинката. Факт е дека промајата, која подразбира струење на воздухот, теоретски може да ја зголеми сувоста на слузокожата на горните дишни патишта.

Меѓутоа, промајата овозможува и „замена“ на воздухот во затворени простории, со што автоматски се намалува концентрацијата на вируси и можноста за зараза.

Кога станува збор за промаја, користа е многу поголема отколку евентуалната штета.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје