X
 14.03.2020 Живот

Наместо нов аеродром, Мексико сака да го изгради најголемиот урбан парк во светот

Во 2018 година новиот претседател на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, одлучи наместо во нов аеродром, кој ќе чини 13 милијарди долари, парите да ги инвестира во најголем урбан парк на светот. Експертите се надеваат дека овој проект, доколку биде успешен, ќе им служи како пример на другите градови - дека сепак е можно да се бориме против климатските промени.

Големината на планираниот парк е околу 12.300 хектари, а ќе биде долг 16 километри. Ќе биде околу 36 пати поголем од Централ парк во Њујорк или два пати поголем од целиот Менхетн. Владата и архитектот што стои зад идејата на овој парк гледаат голем потенцијал во проектот, особено поради влијанието врз климатските промени, недостигот на вода и поплавите.

Тие го гледаат овој проект како алатка за враќање во времето пред уништувањето на овој регион. Езерата во овој регион порано биле примарен извор на свежа вода, но Шпанците ги имаат пресушено кога го освоиле градот. Архитектот Ињаки Ечеверија вели дека сепак е тешка мисија да се сменат 500 години историја.


Фото: mxcity.mx

- Многу ретко имате шанса да направите некоја промена што ќе влијае врз сите. Доколку успееме да го направиме ова, ќе го смениме правецот на историјата и на оваа долина - вели тој.

Овој проект е дизајниран за да биде конструиран во коритото на поранешното езеро Текскоко, кое пресушило откако Мексико Сити прераснал во мегаград со повеќе од 20 милиони жители. Оваа површина не е населена и била непристапна за јавноста поради можни поплави и проблеми со инфраструктурата.

Ечеверија сака да ја врати претходната состојба на оваа површина преку обновување на повеќе езера што пресушиле. Една од целите на овој проект е да се спојат концептот на јавниот простор и зелената инфраструктура, со тоа создавајќи патеки за пешачење, спортски терени и рекреативни езера.

- Ова е единствен простор кој останал неизграден во градот и се смета за државно земјиште. Сега имаме можност да го спасиме. Ова не е само замисла, туку ќе биде реалност - вели Ечеверија.


Фото: mxcity.mx

Владата планира првиот дел од паркот да биде отворен во 2021 година, а целосниот проект да биде завршен до 2024 година. Како додаток за водениот систем во паркот, планирано е голем дел од паркот да користи соларна енергија со цел да се намалат трошоците за одржување.

- Градовите учат едни од други. Доколку овој проект биде успешен, многу луѓе ќе дојдат да го видат и да научат како да го имплементираат во својот град - вели Стефен Леман, директор во универзитетот во Невада.

Ечеверија работи заедно со тим од еколози, архитекти, планери, биолози и политичари за да го оствари овој проект. Првиот дел ќе биде обновување на езерото Набор Карило, а потоа продолжува со езерото Каса Колорада. Според пресметките, проектот ќе чини 11,78 милиони долари. Според Ечеверија, ова е огромна шанса да се направи вистинскиот потег и да се направи промена на светско ниво.

Автор: Пол Бијаско
Извор: fastcompany.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот