Кинеската полиција соопшти дека ја искористила технологијата за препознавање лица за да идентификува и да уапси човек кој бил на концерт во Нанчанг, трет град по големина во Кина. Безбедносните камери, кои се опремени со софтверот, го издвоиле човекот од околу 50.000 луѓе што биле во публика.
Идентификуван само со неговото име, Ао (31), наводно присуствувал на шоу на ѕвездата Џаки Чеунг од Хонг Конг, заедно со неговата сопруга и со пријателите. Службениците за спроведување на законот му се приближиле набрзо по започнувањето на концертот. Полицијата истакна дека трагала по уапсениот бидејќи бил поврзан со економски
криминал.
Технологијата за препознавање лица во Кина се користи на железнички станици за да се најдат трговци со луѓе, на аеродромите, а наскоро може да почне да се користи и на улиците за да се спречи незаконското преминување на улица. Иако наводно треба да е благодат за јавната безбедност, експертите за приватност долго време се противат на препознавањето лица на јавни места бидејќи со самото тоа што сте во просторот значи дека може да бидете проверувани дали вашиот лик се совпаѓа со ликот на некој криминалец.
Препознавањето лица е брзо и невидливо, па потенцијалните злоупотреби на технологијата може да бидат незабележливи. Новинарите и демонстрантите можат да бидат таргетирани со истата технологија како и оние што бегаат од законот, а Кина е обвинета дека ја користи технологијата за да го набљудува муслиманското етничко малцинство.
Фото: Freepik