X
 02.02.2024 Живот

Од земја која ја уништија бандите стана најбезбедна во Латинска Америка

Најиб Букеле, наречен „најкул диктатор на светот“, затвори повеќе од 75.000 члена на банди во еден од најголемите затворски системи на континентот, откако прогласи воена состојба во март 2022 година.

Навистина, стапката на убиства што достигна врв од 106 на 100.000 жители пред 9 години падна на 2,4 минатата година, па 2023 година стана најбезбедната година во историјата на Ел Салвадор. Само 7.000 од приведените се ослободени, додека другите се сместени во строго контролирани затвори.

Рејтингот на Букеле се зголеми на 90 отсто во земјата која со години ја измачуваат картели и банди.

- Ќе продолжиме да ги растураме криминалните структури. Територијата ѝ припаѓа на државата Ел Салвадор, што значи дека овој паралелен криминален свет повеќе не постои - изјави Густаво Вилаторо, министер за правда на Ел Салвадор.

Стапката на убиства падна на 38 на 100.000 кога поранешниот градоначалник на главниот град беше избран за претседател во 2019 година. Но, криминалците сè уште контролираа 80 отсто од земјата, а кога двете банди извршија 62 убиства во еден ден, Букеле го убеди својот конгрес да му даде итни овластувања, по што започнаа апсењата.

Конгресот ги прошири неговите овластувања дури 21 пат, бидејќи стапката на убиства опадна. Така Ел Салвадор стана земја со најголема стапка на апсења во светот, нешто што ги вознемири организациите за човекови права кои пријавија 190 смртни случаи и над 5.000 случаи на злоупотреба и полициска бруталност.

- Некои апсења беа засновани само на поединци кои имаа тетоважи или претходни криминални досиеја или живееле во област контролирана од банди. Илјадници луѓе беа неправедно обвинети, а судењата, кои беа експресни, понекогаш беа организирани за стотици обвинети одеднаш - напиша „Амнести интернешнал“ во својот извештај за Ел Салвадор минатата година.

Голем дел од затворениците се сместени во комплексот за притвор на терористи СЕСОТ, кој беше отворен во јануари минатата година и кој критичарите го споредија со концентрационен логор. Повеќе од 100 затвореници делат една ќелија со само два тоалета. Секој има помалку од еден квадратен метар за живеење и спиење. Затворениците немаат душеци, немаат отворени простори и редовно се тепани, малтретирани и експлоатирани.

Во затворот се вработени над 800 чувари, а на фотографиите, кои владата со задоволство ги објавува, се прикажани затвореници со врзани раце зад грб, принудени да стојат или да седат со главите на грбот на затворениците пред нив.

Секој контакт со надворешниот свет е прекинат. Блокаторите ги исклучуваат сите телефонски сигнали. Затворениците ги напуштаат ќелиите само за сослушувања, кои се спроведуваат со видеоповик.

Банди дивеат низ целата земја

Проблемот на земјата со бандите и картелите датира од граѓанската војна во 80-тите години на минатиот век.

Кога бегалците побегнаа од Латинска Америка во САД, на улиците на Лос Анџелес се формираа бандите „MS-13“ и „18th Street“. Кога војната заврши, тие се вратија во Ел Салвадор и со себе го донесоа своето ривалство и насилство.

Сега се смета дека „18th Street“ има околу 65.000 члена низ целиот свет, додека „MS-13“ има меѓу 50.000 и 70.000. Како што растеле, така растело и нивното влијание.

Илјадници членови од двете банди се бореа и загинаа за титулата најмоќна банда во Централна Америка, профитирајќи од трговија со луѓе и дрога, изнуда, перење пари, уцени и киднапирања.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот