X
 15.08.2019 Наука

Како да препознаете дали некој е криминалец?

Гласот е дел од вашиот карактер, но и отпечаток кој помага со помош на напредната технологија да се открие од каде доаѓа некој, во каква медицинска состојба е, па да се откријат дури и неговите физички карактеристики.

Со помош на трагите што ги добива од гласот, полицијата може да дојде и до изгледот на осомниченото лице. На банките им помагаат да пронајдат измамници кои ги имитираат гласовите на нивните корисници преку телефон, а лекарите со помош на таквите системи ја препознаваат депресијата или деменцијата.

Тоа отвори нови можности за здравствените, финансиските и правосудните организации, а истовремено покрена нови расправи за приватноста, за користењето на биометриските податоци на нови начини.

- Со векови се знаеше дека човечкиот глас пренесува низа информации, само не се знаеше како да се извлечат тие информации - истакнува Рита Синг од Универзитетот „Карнеги Мелон“.

Таа мери низа обележја на гласот, како што се зарипнатоста или треперењето, кои се поврзани со употреба на вокалниот систем и начинот на кој се произведува гласот. Ги детектира микрочестичките воздух кои помагаат во создавањето звучни бранови, кои го создаваат човековиот глас. Начинот на кој тие одекнуваат во говорниот тракт, покрај другите карактеристики, посочува и каква е структурата на черепот на тоа лице, колку е високо, тешко и какво е неговото физичко опкружување.

Нејзината работа навестува иднина во која многумина би можеле да се потпрат на аудиоподатоци, како што денес тоа го правиме со видеоснимките. Некои финансиски компании веќе користат вакви снимки за да ги фатат измамниците. Информациско-безбедносната компанија „Пиндроп“ ги проучува аудиокарактеристиките кои можеме да ги поделиме во три главни категории: вид бучава која се детектира преку телефон, фреквенциски карактеристики на повикот и колку звук се губи при преносот.

Сето тоа укажува на потеклото на повикот, дали станува збор за повик преку интернет, мобилен или фиксен телефон. Најчестите разлики доаѓаат од меѓународните повици, што зависи од степенот на развиеност на земјата, поради што врската е подобра или полоша. Така, најчесто банките и финансиските компании детектираат дали повикувачите се оние што се претставуваат дека се.

Без снимање на разговорот така може да се добијат гласовни отпечатоци на повикувачот и да се открие дали станува збор за измамник. Ако некој е сомнителен, тогаш агентот може од повикувачите да побара код кој е испратен на уред кај реалниот клиент. Компанијата „Дискавер фајненшал сервисес“ забележала пад од 10 отсто кај измамите откако почнала да користи таков систем во 2015 година.

Измамниците најчесто го користат бројот на социјалното осигурување, достапен со манипулација на некои системи, за да откријат кои луѓе се богати. Тие се јавуваат во банка и се преправаат дека се тие, а претходно им го истражуваат животот.

Некои финансиски компании се обидуваат да ги спојат аудиоснимките со останатите податоци што ги имаат за нивните клиенти. Лошите актери најчесто многу брзо одговараат на безбедносните прашања за животот на жртвата, многу побрзо од вистинските корисници. Се преслушуваат ритамот на гласот, дијалектот, како и вокабуларот, граматиката и структурата на речениците.

Софтверот на компанијата „Њуанс комјуникејшнс“ овозможува да се откријат полот, староста и лингвистичката заднина на повикувачот, како и тоа дали станува збор за синтетички или снимен глас. Со помош на софтверот една банка открила дека едно лице е одговорно за кражба на десетици милиони долари. Тие податоци се комбинираат со оние што покажуваат како се однесува лицето кон својот паметен уред, а начинот на кој некој го држи може да ја открие возраста, па така компаниите можат да ги споредат податоците на клиентите и повикувачите.

Колку на потрошувачите им се зборува за гласовните податоци што се собираат, зависи од компанијата. Некои финансиски компании бараат согласност од корисникот за снимање на гласот, додека други едноставно велат дека сите повици на корисничката служба се снимаат поради унапредување на услугата или безбедноста.

Во некои држави биометриските податоци се регулирани со закони. Критичарите, пак, ќе речат дека собирањето такви податоци е инванзивно и може да доведе до неправедни заклучоци. Ако компаниите што ги собираат тие податоци од некоја причина останат без нив или тие се украдени, многу тешко ќе може да се спречи кражба на идентитетот.

Во медицината гласовните промени им помагаат на лекарите во откривањето на почетоците на Паркинсоновата болест и се мери ефикасноста на лековите против депресијата. Компанијата „Сонд хелт“ од Бостон побарала од 4.000 луѓе да преземат апликација и да одговорат на повици дизајнирани така што да овозможуваат создавање на различни звуци. Од тие примероци истражувачите идентификувале карактеристики како ритам, мелодија и изговарање зборови.

Побавниот говор може да укажува на замор или тага, но ако станува збор за долготрајна состојба, може да биде показател и на нешто многу посериозно, смета Џим Харпер од „Сонд хелт“.

Тие податоци сѐ уште не се толку значајни за да може на нив да се засноваат медицински одлуки, но се користат во комбинација со клиничките тестирања на лековите против депресијата. „Винтерлајт лабс“ од Торонто се фокусира на синтаксата, граматиката, комплексноста на вокабуларот, висината и брзината на говорот поради следење на менталното здравје и деменцијата.

Во соработка со компанијата „Јансен фармасјутикалс“ тие се обидуваат да ја детектираат Алцхајмеровата болест кај постарите пациенти. Некои од нив, на пример, најчесто користат зборови кои ги научиле порано во животот затоа што им слабее помнењето.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука