X
 14.04.2020 Образование

Најинспиративните говори одржани на дипломски церемонии

Универзитетските говори на познати или успешни лица за време на дипломските церемонии во САД се паметат. Во текот на овие говори, говорниците често споделуваат животни лекции и откриваат детали од нивниот живот кој треба да ги инспирира дипломците. Следните се толку добри, што ги гледаат сите, а не само дипломците.


Стив Џобс („Стенфорд“, 2005)

Во говорот Стив Џобс директно објаснува каков е реалниот живот и ги советува дипломците да бидат љубопитни, но и да учат од минатото.


Џ. К. Ролинг („Харвард“, 2008)

Ролинг во говорот зборува за позитивните страни на неуспесите, но и за големото значење на имагинација.

- Не ни треба магија за да го трансформираме светот, сè што ни треба веќе го носиме во себе, имаме моќ да замислиме подобар свет - изјавила таа.


Шерил Сендберг (Универзитет во Калифорнија „Беркли“, 2016)

Ова е првиот јавен говор на Сендберг по смртта на нејзиниот сопруг, а нејзините емоции може да се препознаат во зборовите.


Вил Ферел („Харвард“, 2003)

Очекувано, говорот на Ферел има смешни елементи, а во него комедијантот го имитира тогашниот претседател Џорџ В. Буш.


Натали Портман („Харвард“, 2015)

Интересно, Натали Портман дипломирала во 2003, годината кога Вил Ферел го одржал говорот на церемонијата на „Харвард“. Во говорот актерката посочува на значењето да се следат интересите и да се прифати недостигот на искуство и знаење бидејќи така дипломците може да постигнат многу повеќе отколку што замислуваат.


Нил Гејман (Универзитет за уметности, 2012)

Говорот е одличен за сите што сакаат кариера во креативна област. Меѓу другото, Гејман ги советува дипломците да не прават нешто само за парите и да прифатат дека не знаат многу работи.


Дејвид Фостер Волис (Колеџ „Кенион“, 2005)

Видеото е само аудиоснимка од говорот на Дејвид Фостер Волис. Неговата главна порака за дипломците е да внимаваат на сè и да имаат контрола врз она што влегува во нивниот ум бидејќи тоа ја дефинира нивната реалност.


Џим Кери (Универзитет за менаџмент „Махариши“, 2014)

Џим Кери користи комедија во говорот, а неговата главна порака до дипломците е да побараат што сакаат од универзумот. Во говорот има многу инспиративни делови, а речиси секоја реченица заслужува да биде познат цитат.


Карл Акино (Средно училиште „Вест Хол“, 2010)

Ова не е универзитетски говор, туку средношколски, но заслужува да биде на листата. Карл ја носи публиката на патување, а приказната што ја раскажува е навистина инспиративна.


Конан О'Брајан (Колеџ „Дартмут“, 2011)

Како и другите комедијанти на листата, Конан вметнува шеги во говорот и се исмева себеси, како и факултетот. Во говорот раскажува и за неговите успеси и падови, а неговата порака до дипломците е да работат напорно и да бидат добри со другите бидејќи тогаш ќе им се случат прекрасни работи.


Автор: Џонатан Чу
Извор: medium.com 
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование