X
 11.02.2021 Образование

Гимназијалецот Василије од Белград доби целосна стипендија на престижниот „Јеил“, во конкуренција од 40.000 кандидати

Универзитетот „Јеил“ е еден од најпрестижните универзитети во светот, кој годишно прима 1.500 студенти, а само најдобрите добиваат целосна стипендија.

Еден од нив, вистински гениј, е матурантот од Четиринаесеттата белградска гимназија, Василије Пантелиќ.

Василије оваа есен ќе биде бруцош на „Јеил“. Во конкуренција од над 40.000 матуранти, тој успеал не само да биде примен, туку и да добие целосна стипендија од 80.000 долари годишно за студирање и живеење.

Василије сѐ уште нема полни 18 години, но вели дека веќе извесно време е сигурен дека на тој универзитет сака да се запише и тоа му бил прв избор.

- Аплицирав во раниот рок, па некаде во декември добив одговор. Конкуренцијата беше голема, како и секоја година, можеби дури и поголема и многу ми е мило што сум дел од тие 5 отсто. Планирав да се пријавам на други факултети, но бидејќи веќе бев примен во претходниот круг, не испратив апликации на ниту еден факултет во вториот круг - вели Пантелиќ за утринската програма на РТС.

Во Америка постои еден заеднички приемен испит што го користат речиси сите универзитети, а тој се состои од тест по математика и англиски, кој го полагаат странски студенти кои се во иста конкуренција со американски студенти.

- Дополнително полагав и биологија и хемија, бидејќи тоа беа областите што ги избрав за моите студии. На американските факултети има околу 10 отсто странски студенти. Обично избираат странци по одредени региони. Бараат да добијат што е можно поголема географска и друга разновидност со цел да донесат понекој студент од секоја држава - вели Василије.

Инаку, Василије е добитник на Светосавската награда за исклучителни резултати во областа на образованието, а ги освоил и третото место на Олимписките игри по географија во Хонг Конг и второто место во Европа. Зборува англиски, германски и руски јазик.

- За приемниот испит е земен предвид целиот успех од средното училиште, нема рангирање само врз основа на приемен испит и оценки, а тука влегуваат и препораките од професорите, воннаставните активности и секако наградите од натпреварите. Имаше и есеј во кој пишував што ме интересира, што би студирал таму и што би правел.

За Америка ќе патува пред почетокот на семестарот, во август. Вели дека е среќен што има можност да студира на универзитет каде што студирале многубројни научници и добитници на Нобеловата награда. Во иднина планира да се запише на магистерски и докторски студии, а подоцна хемијата да ја примени во истражувања од областа на фармацијата и медицината.



Извор: Noizz.rs
Фото:  Screenshot/RTS
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование