Гран при на фестивалот доби „Трите животи на Исидора Данкан“ во изведба на актерката Јана Лазар од Молдавија. Награда од публиката освои „Сè што сум премолчела“ во режија на Иван Лео Лемо од Хрватска, во изведба на актерката Миа Беговиќ. Невена Митева ја освои наградата за најдобра режија за бугарската претстава „Комедијантка“. За најдобар актер е прогласен Игор Ларин од Русија за претставата „Забелешка на покојникот“.
По официјалното врачување на наградите, во чест на лауреатите беше изведена монодрамата „Пасија по Биби“ на актерот Петар Милошевски, кој живее и работи во Лондон, Велика Британија. Поради големиот интерес за оваа претстава, која беше надвор од конкуренција, вечерва ќе има втора изведба за битолската публика.
Актерката Јана Лазар игра во претставата што доби Гран при
За наградите одлучи жири-комисијата во состав: Ментор Зумберај - претседател, Нина Мазур и Софија Ристевска-Петрушева, членови.
Амбициозна програма, воведување дебати во ффф-програма со наслов „Монодрамата од двете страни на сцената“, по првата монодрама за деца надвор од официјалната конкуренција, по отсуството на поддршка од страна на Министерството за култура, но со силна поддршка на Општина Битола, неколку приватни и државни компании, и со лични донации, велат организаторите.
21. фестивал на монодрамата го сруши и рекордот на продадени билети за овој фестивал, сите претстави беа со многубројна публика и се бараше билет повеќе. Во официјалната програма имаше 11 претстави од 10 држави. Мотото на фестивалот беше „...и продолжува“.