Со премиерата на „Бакхи – краток преглед на распадот“ од Еврипид, вечерва во 20 часот, ќе биде отворен Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола. Претставата е во режија на еден од најактуелните театарски режисери во поширокиот регион, наградуваниот Игор Вук Торбица. „Продолжува“ е мотото на фестивалот, кој годинава не доби поддршка од Министерството за култура. Фестивалот на монодрамата ќе биде организиран до 13 мај, а се одржува по 21 пат. Ќе гостуваат претстави од: Велика Британија, Русија, Хрватска, Бугарија, Молдавија, Словачка, Црна Гора и од Монголија, со уметнички сензибилитет на новодефинираните театарски тенденции.
Ќе учествуваат: Миа Беговиќ, Ксенија Прохаска, Петар Милошевски, Камил Бистрик, Слободан Маруновиќ, Бајасгалан Церендор, Димитрина Мицкоска, Јана Лазар, Маја Бежанска, Васко Мавровски, Јесим Озосој, Бобан Алексоски и Игор Ларин.
Во офф-програмата се планирани две дебати под насловот „Монодрамата, од двете страни на сцената“, како и концерт на групата „Фолтин“.
Маја Андоновска-Илијевски
Маја Андоновска-Илијевски, директор на фестивалот и на Центарот за култура од Битола, истакна:
- Скапоцено е што мојот град Битола е запишан на светската мапа на фестивали на монодрама. Оваа година имаме минимални средства, но и храбра одлука да направиме светски фестивал. Го направивме фестивалот со сопствени сили на Центарот за култура, поддршка на Општина Битола и на неколку спонзори и индивидуални поддржувачи, на кои сме им бескрајно благодарни.
Жири-комисијата е составена од славната Нина Мазур, режисерката Софија Ристевска-Петрушева, а претседател на жирито е Ментор Зумберај. Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот театар, актерот Петар Мирчевски.