X
 14.05.2020 Образование

Факултетот за образовни науки на УГД организира онлајн-конференција за предизвиците во денешното образование

25 години од основањето на Педагошкиот факултет/Факултет за образовни науки

Факултетот од Вишата педагошка школа, Педагошка академија, Педагошки факултет „Гоце Делчев“, а сега Факултет за образовни науки слави 25 години од неговото постоење. Затоа 2020 година има големо значење за развојот и величината на јубилејот и заслужува внимание.

По тој повод, факултетот организира онлајн научно-стручна конференција на тема: Образованието денес/Предизвиците пред современата педагошка наука.

Целта на оваа конференција е да понуди еден нов приод кон образованието и проучување на педагошките проблеми. Ситуацијата во последните месеци најпрво ја разбранува педагошката, а потоа и целата јавност, покренувајќи низа прашања и дилеми околу организација на образованието и наставата. Конференцијата е посветена на она што е актуелно денес, без целосна гаранција дека во теоријата или во практиката ќе остане така и во иднина. Врз основа на понудениот пристап на третирање на педагошките проблеми ќе понудиме можност педагошките прашања да се согледаат во нивната заемна поврзаност, но истовремено и да се постават контурите на иднината кои ќе ја исцртаат положбата на човекот во современото општество.

На конференцијата ќе се обидеме со нов пристап и елаборација да одговориме на прашањата: Што со часовите во редовната настава, каква е таа настава на далечина или онлајн-настава, кој модел на настава, како ќе се води педагошката документација, евиденција, каде се часовите од дополнителна и додатна настава, што со домашната работа, учење преку проекти, работни денови, ТВ-настава, настава со помош на компјутер. Тоа се дилемите што се во фокусот на внимание на сите педагошки работници од сите нивоа на образовни институции.

Се разбира дека ова не се сите прашања и актуелности во моментот, затоа што дилемите за следење и евалуација на постигањата на оној што учи, објективноста на оценката, индивидуализираниот пристап во воспитно-образовниот процес, способноста на наставникот, условите во кои работи ученикот/студентот во овој момент добиваат сосема друга димензија, па многубројните теориски размислувања и идеи и нивната практична функционалност се предмет на интерес на оваа конференција.

Вашите идеи, предлози и сугестии ќе дадат особен придонес за унапредувањето на педагошката мисла и воспитно-образовна практика, како и креирањето на образовната политика.

Сo вашето учество ќе се фрли ново светло врз третманот на педагошките прашања, истовремено ќе се определи сликата и ќе се дополни претставата за новонастанатата ситуација во моментот, кај нас и во светот.

Организирањето на конференцијата е прва активност, од многуте активности што ги предвидовме за одбележување на нашиот јубилеј.


Секој прилог е добредојден и, пред сѐ, прекрасен подарок во чест на големиот јубилеј - 61 година воспитно-образовна дејност, 59 години Педагошка академија и 25 години Педагошки факултет.

Трудовите ќе бидат објавени во списанието ВОСПИТАНИЕ.

За учество на конференцијата, нема котизација. Еден автор може да учествува најмногу со два труда. Трудовите што нема да бидат согласно упатството за подготовка, нема да бидат прифатени и објавени.

Трудовите (на англиски јазик) можете да ги доставите на следниве адреси најдоцна до: 30/06/2020

emilija.petrova@ugd.edu.mk
kiril.barbareev@ugd.edu.mk
oliver.cackov@ugd.edu.mk
verica.josimovska@ugd.edu.mk
Editorial Board: http://js.ugd.edu.mk/index.php/vospitanie/about/editorialTeam

Упатство за подготовка на трудовите

http://js.ugd.edu.mk/index.php/vospitanie/about/submissions.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование